Генерална аудиенција: Можеме да им помогнеме на другите само ако самите се „извалкаме“

Генерална аудиенција: Можеме да им помогнеме на другите само ако самите се „извалкаме“

Во среда, 28 мај 2025 година, за време на Генералната аудиенција во среда, Папата повика на размислување за параболата за добриот Самарјанин. Околу 40.000 верници присутни на плоштадот „Свети Петар“ се доказ дека животот „се состои од средби“ и дека, наоѓајќи се „пред другиот, пред нивната кршливост и нивната слабост“, се соочуваме со избор: дали сакаме да се грижиме за нив или да се преправаме дека ништо не се случува. Вистински помагаме само ако сме подготвени да ја почувствуваме тежината на туѓата болка.

Она што мора да го научиме од параболите е да „го промениме нашиот поглед на реалноста и да се отвориме за надежта“, бидејќи честопати „застануваме на ригиден и затворен начин на гледање на работите“, и ја губиме надежта. Затоа, „параболите ни помагаат сè да гледаме од поинаква перспектива“. Со овие зборови, папата Лав XIV. ја започна неговата втора Генерална аудиенција откако го обиколи плоштадот „Свети Петар“ во папамобилот за да ги поздрави 40.000 ходочесници и верници кои го пречекаа со аплауз, песни и радосни повици.

Светиот Отец ја продолжи серијата катехези посветени на параболите за животот на Исус, кои се дел од Јубилејниот циклус катехези „Исус Христос нашата надеж“, размислувајќи за параболата за добриот Самарјанин во која тој ги нагласи сочувството, љубовта и грижата кон другите, и внимание кон ближниот, што се покажува, како што постојано нагласуваше, „преку конкретни гестови“.

Појдете на пат

Прво, тој се осврна на лицето кое го поттикнало Исус да ја раскаже параболата, односно на еден добро познат законик, учен и образован, кој е „фокусиран на себе и не ги забележува другите“. Тој го прашал Исус како „некој може да наследи вечен живот“, сметајќи го за „неоспорно право“. Учителот, раскажувајќи ја параболата, води кон „преобразба на прашањето“, кон премин од прашањето „кој ме сака?“ на прашањето „на кого сум покажал љубов?“. Папата појасни дека „првото прашање е незрело“, и го поставуваме „кога се повлекуваме во некој агол и чекаме“, додека „второто прашање е од возрасен човек кој ја разбрал смислата на својот живот“ и кој нè охрабрува „да се придвижиме, да појдеме на пат“.

Пред друг

Толкувајќи го евангелскиот пасус, Папата се осврна на две перспективи. Тој рече дека еден човек патувал по патот од Ерусалим кон Ерихон, каде што бил „нападнат, претепан, ограбен и оставен полумртов“. Како да не помислиме на животот дека е  „тежок и макотрпен пат“ и „искуството кое се случува кога ситуациите, луѓето, понекогаш дури и оние на кои сме им верувале, ни одземаат сè и нè оставаат на цедило“?

Сепак, животот се состои од средби, и во овие средби се откриваме себеси какви што сме. Се наоѓаме пред друг, пред неговата кршливост и слабост, и можеме да одлучиме што да правиме: да се грижиме за него или да се преправаме дека ништо не се случува.

Прашање за човечност

Потоа Папата рече дека свештеникот и левитот оделе по истиот пат и поминувале покрај еден човек оставен на средина од патот. „Ова се луѓето што служат во ерусалимскиот Храмот“, забележа тој. „Сепак, служењето богослужби само по себе не води до сочувство.“

Имено, наместо верско прашање, сочувството е прашање на човекољубивост! Пред да бидеме верници, повикани сме да бидеме луѓе.

Да застанеш заради друг

Честопати нашите брзи животи не ни даваат време да бидеме сочувствителни и мислиме дека прво мора да им дадеме простор на нашите грижи, продолжи Папата.

Токму брзањето кое е толку присутно во нашите животи често нè спречува да го почувствуваме сочувство. Секој што мисли дека неговото патување мора да има приоритет, не е подготвен да застане за некој друг.

Конкретни гестови

Параболата што ни ја донесува евангелистот Лука нагласува дека постои некој што е способен да застане пред овој ранет човек, кој е на умирање, а „тоа е Самарјанин, и со тоа член на народот презрен од Евреите“. Затоа, папата Лав XIV. истакна дека „религиозноста не игра никаква улога тука“ и дека Самарјанинот „застанува едноставно затоа што еден човек се наоѓа пред друг човек на кого му е потребна помош“.

Ако сакаш да му помогнеш на некого, не можеш да држиш дистанца, мора да се вклучиш, да се извалкаш, можеби дури и да се заразиш.

Токму тоа го прави Самарјанинот, објасни Папата: тој „ги преврзува раните“ на човекот, кој е полумртов „откако ќе ги исчисти со елеј и вино“, го зема со себе, „односно се грижи за него, бидејќи вистински помага оној кој е подготвен да ја почувствува тежината на болката на другиот“, а потоа му наоѓа „гостилница каде што издвојува одредена сума пари“ со ветување „дека ќе се врати за да доплати доколку е потребно, бидејќи ближниот не е пакет што треба да се достави, туку некој за кого треба да се грижи“, истакна Светиот Отец.

Исус се грижи за секој од нас

Исто така, оваа библиска парабола ни го поставува прашањето кога ќе можеме „да го прекинеме нашето патување и да имаме сочувство“. Ова ќе биде можно, истакна папата Лав XIV, „кога ќе сфатиме дека овој ранет човек покрај патот го претставува секој од нас“, кога „ќе се сетиме на моментите кога Исус толку многу пати се грижеше за нас“ за да нè направи поспособни за сочувство.

На крајот од катехезата, Светиот Отец се помоли на Срцето Исусово да ни помогне да ги имаме неговите чувства, за да можеме да растеме во човечноста и за нашите односи да бидат поискрени и побогати со сочувство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот