Генерална аудиенција: Мисијата на Црквата е да им помогне на луѓето да се соочат со длабоките прашања на животот

Генерална аудиенција: Мисијата на Црквата е да им помогне на луѓето да се соочат со длабоките прашања на животот

Папата Лав XIV размислуваше за четвртото поглавје од првиот дел на Gaudium et spes, истакнувајќи дека Црквата настојува да придонесе за доаѓањето на Божјото Царство и за спасението на сите луѓе, пред сè преку „личната светост и братската љубов“.

Првата мисија на Црквата во современиот свет „е да им помогне на луѓето да бидат внимателни за длабоките прашања на животот: оние за нашето потекло и нашата конечна цел, како и оние што се однесуваат на смислата на љубовта и страдањето“, рече папата Лав XIV во својата катехеза за време на Генералната аудиенција во среда.

Продолжувајќи го своето размислување за пасторалната конституција на Вториот ватикански собор Gaudium et spes, Папата ја спротивстави оваа мисија на притисокот што се чувствува во современиот свет луѓето да се приспособат „на начин на живот сосредоточен на потрошувачката на материјални добра“. Наместо тоа, нагласи тој, „нашите срца се создадени да гледаат нагоре“.

Градење на земниот град

Истовремено, Црквата ја исполнува својата мисија и преку придонесот во „градењето на земниот град“, не првенствено преку политичко дејствување, туку преку „сведоштво на верата и љубовта, заедно со посветеноста на правдата, мирот и братството“.

Црквата, продолжи тој, не може да го прифати „угнетувањето на слабите и сиромашните, ниту неправедните структури што ги продолжуваат состојбите на зависност и неправда“. Водени од учењето на Црквата, христијаните соработуваат со сите луѓе со добра волја во стремежот кон општото добро.

Доследност меѓу верата и секојдневниот живот

Следејќи ги соборските отци, папата Лав ја нагласи потребата христијаните да живеат во согласност со својата вера и потсети дека несогласувањето меѓу „исповеданата вера и секојдневниот живот“ „треба да се вброи меѓу посериозните заблуди на нашето време“.

Тој ја истакна и важноста што Gaudium et spes ѝ ја дава на мисијата на верниците лаици, повикани да ги внесуваат евангелските вредности во светот, не само во семејството и на работното место, туку во „секоја област од животот“.

Лична светост и братска љубов

Целиот Божји народ, продолжи Папата, а особено пастирите и теолозите, е повикан да ги разгледува и оценува културите на нашето време во светлината на Божјото Слово и Преданието на Црквата. Тоа, рече Светиот Отец, „бара урамнотежен дух, слободен од културните трендови, способен позитивно да гледа на светот, а истовремено да остане цврст во целосното претставување на евангелската порака“, без нејзино разводнување или „ублажување“ на барањата што ги поставува.

На крајот, папата Лав нагласи дека единствената намера на Црквата, да придонесе за доаѓањето на Божјото Царство и за спасението на целиот човечки род, се остварува „пред сè преку личната светост и братската љубов“.

„Затоа да се отвориме за делувањето на Светиот Дух, за Тој да ни помогне да живееме во светост и љубов, за светот да може да верува и да се надева“, заклучи Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот