Генерална аудиенција: Литургиската традиција и обновата ја поттикнуваат евангелизацијата

Генерална аудиенција: Литургиската традиција и обновата ја поттикнуваат евангелизацијата

За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV размислуваше за конституцијата на Вториот ватикански собор за светата Литургија, Sacrosanctum Concilium, и ја нагласи важноста на литургискиот развој што ја зачувува здравата традиција.

Обновата на литургијата и нејзиниот развој, со зачувување на традицијата, ѝ овозможуваат на Црквата да расте, да остане обединета и да ја продолжи својата мисија за ширење на Евангелието до сите, рече папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција во среда, 27 мај 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“.

Папата Лав XIV ја продолжи својата серија катехези за документите од Вториот ватикански собор и се осврна на конституцијата за светата Литургија од 1963 година, Sacrosanctum Concilium. Тој особено се задржа на Литургијата од перспектива на традицијата и развојот.

Sacrosanctum Concilium беше првиот текст објавен од Вториот ватикански собор и донесе важни промени во Литургијата, како што се можноста таа да се слави на народни јазици и поттикнувањето поактивно учество на верниците.

Во своето обраќање, Папата истакна дека Литургијата „со векови е движечка сила на евангелизацијата“.

„Денес, оваа енергија треба да се обнови во континуитет со автентичната и жива католичка традиција, односно во согласност со динамиката насочена кон воведување на верниците во полнотата на вистината“, рече Папата.

Во таа смисла, тој особено ги повика свештениците, „кои ја извршуваат службата на литургиско претседавање“, секогаш да покажуваат почит кон текстовите и прописите на Литургијата, почит што произлегува од внатрешен став на отвореност и доверба во Бога, изразувајќи понизност пред Неговата величина и искрена верност кон црковната заедница.

Тесната врска меѓу литургиската обнова и обновата на Црквата

Папата Лав XIV ја започна својата катехеза цитирајќи го својот претходник, преподобниот Пиј XII, кој пишува дека Црквата е „жив организам“ кој, и во однос на Литургијата, „расте, созрева, се развива, се прилагодува и се приспособува на потребите на времето“.

Папата истакна дека, според овој принцип, Sacrosanctum Concilium уште во својот вовед ја препознал потребата од реформа на Литургијата, со цел таа да се приспособи на потребите на времето и „да му даде уште поголема сила на христијанскиот живот на верниците“.

„Во тој историски момент постоеше силно чувство за потреба од обнова на обредните форми преку кои, со векови, Црквата Го славеше Бога и го осветуваше христијанскиот народ“, објасни Папата.

Благодарение на Литургиското движење, кое го предводеше овој поттик, созреа уверувањето дека „постои многу тесна и органска врска меѓу обновата на Литургијата и обновата на целиот живот на Црквата. Црквата не само што дејствува, туку и се изразува во Литургијата, живее од Литургијата и од неа црпи сила за својот живот“, продолжи Папата, цитирајќи го својот претходник, свети Иван Павле II.

Развој вкоренет во традицијата

Папата Лав XIV истакна дека Sacrosanctum Concilium нуди и патоказ за литургиската обнова. За да се поттикне пристапот на верниците до богатството на Литургијата, треба да се зачува здравата традиција, а истовремено да се остане отворен за легитимен развој.

За да го објасни тоа, Папата го цитираше и својот претходник, папата Бенедикт XVI, кој истакна дека „традицијата и напредокот честопати несмасно се спротивставуваат“, додека „всушност, двата поима се спојуваат: традицијата е жива реалност, која затоа во себе го вклучува принципот на развој, на напредок“.

„Соборот ја потврдува легитимноста на овој развој, вкоренет во автентичното Предание“, рече Папата, правејќи разлика во Литургијата меѓу „непроменливите елементи, божествено востановени“, и другите елементи што можат да бидат предмет на промена.

Тој додаде дека промени од таков вид се случувале постојано низ вековите, за да им се овозможи на верниците полно учество во Литургијата, а преку тоа и во „Христовата Пасхална тајна“, темелот на христијанската вера.

„Богослужението на Црквата затоа се ‘воплотува’ во културните форми на секое време и можело да влијае врз нив, па дури и да ги преобразува“, рече папата Лав XIV, нагласувајќи дека токму затоа Литургијата претставувала сила на евангелизацијата.

Развој што го поттикнува заедништвото

Папата објасни дека соборските отци нагласиле дека обновата на обредите „мора да се спроведе водејќи сметка сите нови форми што се усвојуваат на некој начин органски да произлегуваат од веќе постоечките форми“. За доброто на Црквата, секоја реформа „секогаш треба да биде проследена со внимателно теолошко, историско и пастирско истражување“.

Соборското научителство, на тој начин, повикува да се избегне збунетост меѓу верниците, „обесхрабрувајќи секој, по сопствена иницијатива, да додава, отстранува или менува нешто во литургиските прашања“, продолжи Папата.

„Развојот посочен во соборската конституција на никаков начин не го нарушува црковното заедништво. Напротив, настојува да го потврди и негува“, заклучи папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот