Во катехезата на Генералната аудиенција на 8 март 2023 година папата Фрањо се осврна на соборскиот документ, декретот за мисионерска дејност на Црквата „Ad gentes“ и истакна дека евангелизацијата е задача на Црквата, а не изолирана задача на секој христијанин: „Без разлика на неговата положба во Црквата и степенот на неговото верско образование, е активен субјект на евангелизација“.
Постот нека биде поволен период за заживување на мисионерската динамика за да се ставиме во служба на евангелието и човештвото – поттикна папата Фрањо на Генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи ја серијата катехези за евангелизациската ревност. Тој потсети дека во знакот на евангелизацијата има нешто како мост меѓу првиот и последниот собор. Тоа е мост – додаде тој – чиј архитект е Светиот Дух. Затоа ги поттикна верниците да слушаат на Вториот ватикански собор, за да откријат дека евангелизацијата е секогаш црковна служба, никогаш осамена, изолирана или индивидуалистичка и без прозелитизам.
Евангелизаторот секогаш го пренесува она што самиот го примил. Свети Павле прв го напишал ова: Евангелието кое го навестувал, а кое го примале заедниците и во кое останале цврсти, е истото што го примил и апостолот (сп. 1 Коринтјаните 15, 1-3). Верата се прима и верата се пренесува. Оваа црковна динамика на пренесувањето на Пораката ја обврзува и ја гарантира автентичноста на христијанското навестување.
Во училиштето на Вториот ватикански собор
Посочувајќи дека црковната димензија на евангелизацијата е мерило за проверка на апостолскиот ентузијазам, Римскиот епископ истакна дека секогаш постои искушение да се продолжи сам. Подеднакво опасно искушение е да се оди по лесни псевдоцрковни патишта, да се прифати световната логика на бројки и истражување, да се смета на силата на нашите идеи, програми и структури. Силата што ја дава Духот за навестување на Евангелието е суштинска. Другото – објасни Папата – е помалку важно.
Затоа, браќа и сестри, да се поставиме подиректно во училиштето на Вториот ватикански собор, препрочитувајќи некои делови од декретот „Ad gentes“ (AG), документ за мисионерската дејност на Црквата. Тие текстови на Вториот ватикански собор целосно ја задржуваат својата вредност дури и во нашиот слоевит и плурален контекст. Тој документ, „Ad gentes“, најнапред нè поттикнува да размислиме за топлата љубов на Бога Отецот, кој „од својата моќна и милосрдна благонаклоност слободно нè создава и, згора на тоа, милостиво нè повикува да учествуваме со него во животот и слава“.
Да го продолжиме Христовото послание
Божјата љубов е за сите, никој не е исклучен. Светиот Отец, сепак осврнувајќи се на учењето на Вториот ватикански собор, истакна дека задачата на Црквата е да го продолжи Христовото послание, следејќи го патот на сиромаштвото, послушноста, служењето и самопрегорот сѐ до смртта. Ако остане верна на патот што го зацртал Исус, посланието на Црквата е пројавување, епифанија и исполнување на Божјата одлука во светот и неговата историја. Апостолската ревност не е ентузијазам; тоа е нешто друго, тоа е Божја благодат – истакна Папата и објасни: Во Божјиот народ, ходочаснички и евангелизаторски нема активни или пасивни субјекти. Нема проповедници и оние кои молчат.
Секој крстен човек – вели ‘Evangelii Gaudium’“ – без разлика на нивната положба во Црквата и степенот на верско образование, е активен носител на евангелизацијата (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 120). (…) Ако не евангелизираш, ако не сведочиш, ако не сведочиш за крштевањето што си го примил, за верата што ти ја дал Господ, не си добар христијанин. По силата на применото крштевање и следственото вклучување во Црквата, секое крстено лице учествува во посланието на Црквата, а со тоа и во неа, во посаланието на Христос Цар, свештеник и пророк.
Евангелизацијата е служење
Затоа папата Фрањо ги охрабри верниците да најдат нови начини за навестување на Евангелието.
Браќа и сестри, оваа задача е една и непроменлива на секое место и во секоја ситуација, иако не секогаш се остварува на ист начин поради различни околности. Ова нè поттикнува да не се блокираме или скаменуваме; нè откупува од тој немир што не е од Бога. Мисионерската ревност на верниците се изразува и како креативна потрага по нови начини на проповедање и сведочење, нови начини на средба со ранетото човештво кое Христос го зеде врз себе. Накратко, нови начини на служење на Евангелието и човештвото. Евангелизацијата е служење.
Евангелизацијата е служење, а за да евангелизираме треба да имаме срце на служител – рече Папата и истакна дека враќањето кон првобитната љубов на Отецот и посланијата на Синот и Светиот Дух не значи затворање во просторите на личен статичен мир. Напротив, тоа води до препознавање на слободата на дарот на полнотата на животот, и сè поцелосно живеење на она што сме го добиле и споделување со другите, со чувство на одговорност и чекорење заедно по кривулестите и тешки патишта на историјата, во будно и активно исчекување на нејзиното исполнување.
Ватикан њуз/к.мк