Генерална аудиенција: Верата, надежта и љубовта се христијански противотров за самодоволност
Во катехезата на Генералната аудиенција во среда 24 арпил 2024 година, папата Фрањо зборуваше за три теолошки крепости, фундаментални ставови кои го карактеризираат животот на Исусовите ученици: „Христијанинот никогаш не е сам“, потребно е „да се ослободиме од тоа понекогаш незгодно присуство, наше его”
„Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас, бидејќи чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии, поради надеж на она што ви е определено на небесата, за кое порано чувте од вистинското слово на Благовестието“ (Колосјаните 1,3-5)
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во последниве недели, размислувавме за основните крепости: претпазливост, праведност, сила и умереност. Ова се четирите основни крепости. Како што веќе неколкупати истакнавме, овие четири крепости припаѓаат на една многу древна мудрост која му претходела на самото христијанство. Уште пред Христа, искреноста и чесноста се величеле како граѓанска должност, мудроста како правило што треба да се следи во делата, храброста како основен темел за живот кој се стреми кон доброто, умереноста како неопходна мерка за да се избегне паѓање во вителот на претерување. Ова древно наследство на човештвото не е заменето со христијанството, туку е јасно ставено во фокус, валоризирано, прочистено и поврзано.
Затоа, во срцето на секој маж и жена постои способност да се бара доброто. Светиот Дух ни е даден за оној што го прима да може јасно да го разликува доброто од злото, за да има сила да се прилепува за доброто додека го избегнува злото и на тој начин да постигне потполно самоостварување.
Меѓутоа, на нашиот пат кон полнотата на животот, која припаѓа на определбата на секој човек – целта на секој човек е полнота, да ужива во полнотата на животот – христијанинот има посебна помош од Духот на Исус Христос, Исусовиот Дух. Тоа се постигнува со дарот на другите три, чисто христијански крепости кои често се спомнуваат заедно во списите на Новиот завет. Овие основни ставови, кои го карактеризираат животот на христијаните, се трите крепости што сега ќе ги изговориме заедно: вера, надеж и љубов. Да кажеме заедно: [сите изговараат заедно] вера, надеж… ништо не слушам, погласно! [сите изговараат заедно] Вера, надеж и љубов. Бевте сјајни! Христијанските автори ги нарекоа „богословски“ или „теолошки“, бидејќи се примаат и живеат во односот со Бога, за да се разликуваат од другите четири, кои се нарекуваат „основни“, имајќи предвид дека вторите претставуваат „основа“ на добар живот. Овие трите пак се примаат при крштевањето и доаѓаат од Светиот Дух. И двете, и теолошките и основните, имено, кои се обработуваат заедно во многу систематски размислувања, на тој начин формираа прекрасна серија од седум крепости што честопати се спротивставуваат на списокот на седумте смртни гревови. Вака Катехизмот на Католичката црква го опишува дејството на теолошките крепости: „Теолошките крепости го утврдуваат, вдахновуваат и означуваат моралното дејство кое е карактеристично за еден христијанин. Ги формираат и оживуваат сите морални крепости. Бог ги влива во душите на верниците за да им овозможи да се однесуваат како негови деца и да заслужат вечен живот. Тие се залог за присуството и дејството на Светиот Дух во моќта на човечкото битие“ (1813).
Додека опасноста од основните крепости е тоа што создаваат мажи и жени кои се издигнале на херојско ниво во правењето добро, но кои се осамени и изолирани во сè, големиот дар на теолошките крепости е живот живеен во Светиот Дух. Христијанинот никогаш не е сам. Тој прави добро не поради огромниот напор на лична посветеност, туку затоа што, како понизен ученик, го следи Учителот Исус. Тој оди напред по патот. Христијанинот има теолошки крепости кои се одличен противотров за самодоволноста. Колку пати некои морално непорочни мажи и жени се изложуваат на опасност да станат, во очите на оние што ги познаваат, вообразени и надуени! На оваа опасност силно нè предупредува Евангелието, каде што Исус ги советува своите ученици: „Па така и вие, кога исполните сè, што ви е заповедано, речете: Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме!“ (Лука 17,10). Горделивоста е отров, силен отров: само една капка од неа е доволна да уништи цел живот во име на добрината. Човек можеби направил планина од милосрдие и собрал признанија и пофалби, но ако сето тоа го направил за себе, за да се издигне, дали сепак може да се нарече доблесна личност? Не!
Доброто не е само цел, туку и начин. Добрината бара многу дискреција, многу љубезност. Пред сè, за доброто, треба да го извадиме тој често гломазен оклоп што е нашето его. Кога нашето „јас“ е во центарот на сè, сè пропаѓа. Ако секоја работа што ја работиме во животот ја работиме само за нас самите, дали таа мотивација е навистина толку важна? Тоа кутро „јас“ доминира со се и така се раѓа горделивоста.
За да се поправат сите овие ситуации кои понекогаш стануваат болни, од голема помош се теолошките крепости, особено во моментите на неуспех, бидејќи и оние кои имаат добра морална намера понекогаш паѓаат. Сите паѓаме во животот, затоа што сме грешници. Како што понекогаш грешат оние кои сен важбаат во крепостите секој ден – сите ние грешиме во животот – умот не е секогаш јасен, волјата не е секогаш цврста, страста не се држи секогаш под контрола, храброста не секогаш го победува стравот. Но, ако го отвориме своето срце за Светиот Дух – внатрешниот Учител – Тој ги оживува теолошките крепости во нас: затоа, ако сме ја изгубиле довербата, Бог повторно нè отвора кон верата – со силата на Духот, ако сме изгубиле доверба, Бог повторно нè отвора кон верата – ако нè опфати очај, Бог повторно ја буди надежта во нас; ако нашето срце е закоравено, Бог го омекнува со нежноста на својата љубов. Ви благодарам.
Ватикан њуз/к.мк