Генерална аудиенција: Напредокот е вистински човечки само ако го прави светот подобар за сите

Генерална аудиенција: Напредокот е вистински човечки само ако го прави светот подобар за сите

Папата Лав XIV го продолжи циклусот катехези посветен на Gaudium et spes, задржувајќи се на поглавјето за значењето на човечката активност во светот. Соборскиот документ, нагласи Папата, нè повикува да ги споделуваме плодовите на знаењето, за секој човек и секој народ да можат да го развијат својот потенцијал и, со Божја помош, заедно да градиме подобра иднина.

Пасторалната конституција на Вториот ватикански собор за Црквата во современиот свет, Gaudium et spes, која е тема на тековниот циклус катехези на папата Лав XIV за време на Генералните аудиенции, се занимава со едно „темелно“ прашање:

„Која е вредноста на човечката активност во светот, а со тоа и на техничкиот, општествениот и научниот напредок?“

Во своето обраќање во среда, 23 септември 2026 година, Светиот Отец нагласи дека „човекот е носител на напредокот“ и дека преку својата слобода и разум придонесува за развојот на општеството.

Папата Лав XIV предупреди на современото сфаќање според кое научниот и техничкиот напредок наводно го ослабува односот на човекот со Бога.

„Во постхристијанската хуманистичка мисла“, објасни тој, „човекот и Бог погрешно се претставуваат како соперници: за да ги потврди своето знаење, слободата и напредокот, се смета дека човекот мора да се ослободи од Бога.“

Но, според Папата, таквото негирање доведува до губење на „можноста да се потврди трансцендентната вредност на човечката личност“.

Човекот соработува во Божјиот план

Gaudium et spes, напротив, јасно потврдува дека христијаните „со право можат да сметаат дека со својот труд го развиваат делото на Создателот, им служат на своите браќа и со својата лична посветеност придонесуваат за исполнувањето на Божјиот план во историјата“.

Папата Лав XIV истакна дека Бог му го доверил на човекот создадениот свет, кој сè уште е in statu viae, односно „на пат“, во процес на раст и довршување, за луѓето преку својата мудра активност да придонесат во неговото развивање.

Поврзувајќи ја оваа мисла со таинството на Воплотувањето, Папата рече дека човечката природа „не е проголтана ниту поништена во средбата со Бога, туку е целосно прифатена, останувајќи во Христос слободна и дејствителна“.

„Од оваа перспектива“, продолжи тој, „се појавува една важна вистина: за да Го сретне Бога, човекот не треба да ги напушти своите земски звања, туку може целосно да го живее својот повик преку секојдневната работа и нејзиното осветување.“

Како и сите луѓе, христијаните работат на изградбата на „човечкиот град“, кој не треба да се поистоветува со Божјото Царство.

Сепак, Папата потсети на учењето на Соборот дека напредокот во градењето на човечкото општество има големо значење и за Божјото Царство.

Напредокот мора да биде воден од љубовта

На крајот, папата Лав XIV нагласи дека техничкиот и научниот развој можат да се наречат вистински човечки напредок само ако се вдахновени од љубовта.

„За напредокот да биде навистина човечки, техничкиот и научниот развој мора да бидат водени од милосрдието. Само така тие секогаш ќе можат да бидат ставени во служба на човечкото достоинство и да ги подобруваат условите за живот на сите, особено на најранливите“, рече Папата.

Вториот ватикански собор, заклучи тој, „нè повикува да го споделуваме лебот на знаењето, за секој човек и секој народ да можат да го развијат својот потенцијал и заедно, со Божја помош, да градиме подобра иднина“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот