„Во староста ќе бидат плодни“, е темата на Вториот светски ден на бабите, дедовците и старите лица, кој годинава се одбележува на 24 јули. Кардиналот Анџело Де Донатис ќе ја предводи светата Литургија на тој ден во 10.00 часот во базиликата во Ватикан.
На 24 јули ширум светот ќе се одбележи второто издание на Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица на тема: „Во староста ќе бидат плодни“. Во базиликата Свети Петар, по желба на папата Фрањо, кардиналот Анџело Де Донатис, генералниот викар на Папата за Римската бискупија, ќе служи света Литургија со почеток во 10.00 часот, токму на денот кога Папата ќе го започне своето патување во Канада. За тој ден е предвидена посета на Папата на светилиштето Света Ана и средба со млади и стари лица во едно основно училиште во Икалуит.
Постојат два начина да се учествува во одбележувањето на тој ден, предложен од Дикастеријата за лаици, семејство и живот: со славење на света Литургија или со посета на стари лица кои се сами. Дикастеријата за лаици, семејство и живот им достави на епархиите низа пасторални и литургиски материјали и предлози кои се достапни на веб-страницата на Дикастеријата. Меѓу другото, се препорачува посета или придружба на постарите лица. Имено, Црквата за таквото дело направено на тој ден дава потполн опрост или пак деновите пред и после 24 јули.
Во пораката на Папата за тој ден, во кој постарите лица се поканети да бидат иницијатори на револуцијата на нежноста, се потсетува дека посетата на постарите е дело на милосрдие на нашето време. Во писмото упатено до парохиските свештеници на епархијата во Рим и старите лица, кардиналот Де Донатис истакнува дека би било убаво да се размислува за некој едноставен и значаен момент за постарите, како што е вечерната света Литургија на отворено, со благослов на постарите и заедничка вечера. По тој повод ве охрабрувам да ги посетите старите лица дома или во пензионерските домови – напиша кардиналот Де Донатис.
Кардиналот Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, истакнува дека на Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица, Папата нè охрабрува да станеме свесни за важноста на старите лица во животот на општествата и нашите заедници, и дека ова не треба да биде нешто споредно, туку структурно.
Во 2021 година, папата Фрањо одреди овој ден да се слави секоја година во четвртата недела во јули, околу празникот на светите Јоаким и Ана, баба и дедо на Исус. Грижата за старите лица и дијалог со новите генерации е постојана грижа на папата Фрањо, кој голем дел од овогодинешните катехези на Генералните аудиенции во среда ги посвети токму на староста. Дополнително, молитвената накана што ја доверува на целата Црква преку Папската светската молитвена мрежа овој месец е посветена токму на старите лица.
Ватикан њуз/к.мк