Во понеделникот на 3 април 2017 година, папата Фрањо на учесниците на Виенската конференција за трговија со луѓе им порача дека е време да се стави крај на таа трагедија.
Папата пораката ја упати до учесниците на конференцијата „Сојуз против трговијата со луѓе,“ во организација на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Пораката на Папата ја причита исусовецот отец Мајкл Зрни, потсекретар на Одделот за мигранти и бегалци кој е дел од Дикастеријата за интегрален човечки развој.
Светиот Отец истакна дека трговијата со луѓе е облик на ропство, злосторство против човештвото, сериозни повреди на човековите права и брутално уништување. А уште повеќе е за осуда кога жртви на трговијата со луѓе се деца. Папата предупреди дека денешната сложена миграциска ситуација за жал ја карактеризираат нови облици на ропство, наметнати од страна на криминалните организации кои купуваат и продаваат мажи, жени и деца.
Проблемот на трговијата со луѓе се влошува, а во некои ситуации доказите упатуваат на недостаток на вистински напори на важните играчи. Папата ги повтори зборовите кои ги кажа за време на својата посета на Светата Земја во 2014 година: „Многу деца и денес се изложени на експлоатација, злоупотреба, ропство, насилство и нелегална трговија. Мноштво деца живеат во бегство, некои од нив се дават во морето, посебно во водите на Медитеранот. Денес, додека тоа го признаваме, чувствуваме срам пред Бог.“
Конференцијата промовира три елементи – превенција, заштита и кривичен прогон – на кои папата Фрањо додаде и четврти – соработка. Во врска со превенцијата Папата истакна дека до сега премногу малку се занимавало со „зошто:“ зошто толку млади стануваат жртви на трговијата со луѓе и ропството? Понудата и побарувачката длабоко се вкоренети во тие три големи проблеми: конфликтите и војните, економската надеж и природните катастрофи, или во она што жртвите го доживеваат како крајна беда, неразвиеност, исклучување, невработеност и недостаток на пристап до образованието.
Заштитата против трговијата со луѓе започнува од заштитата на семејството. Светиот Отец истакна дека конечна цел, она што е во најдобар интерес за детето, е токму семејната димензија и од клучна важност. „Заштитата на децата бара заштита на семејството; според тоа, политиките и програмите мора да им ги пружат на семејствата важните алатки за да ги заштитат и негуваат децата во ранливите ситуации. Меѓу нив се клучните работи – а кои се сите во досег на ОБСЕ членките – пристојно домување, здравствена заштита, можност за работа, образование…“
Светиот Отец потоа напомена дека комплексноста на меѓународната трговија со луѓе го прави кривичниот прогон исклучително тежок. Но, „потрошувачите“ се главните двигатели на побарувачката – предупреди Папата. „Признавајќи ги напорите на некои земји да ги казнат оние кои се одговорни за тие злосторства, мораме за жал да утврдиме дека има премногу случаи во кои „потрошувачите“ завршиле во затвор. И додека тие не се оние кои сето тоа го испланирале, тие дефинитивно се вистински предизвикувачи кои се одговорни за тоа страшно злосторство,“ истакна папата Фрањо.
Потоа се фокусираше на четвртата точка – соработката. Папата порача дека соработката е потребна за да се соочи со проблемот на трговија со луѓе, а нејзиниот темел се наоѓа во начелото на супсидијарност. Рече дека тоа на жртвите им овозможува да се обратат на верските заедници кога немаат доволно доверба во јавните институции или кои се плашат да не бидат казнени.
„Да не заборавиме дека различните партнери имаат различни својства. Многу жртви се обраќаат до цивилните или верските организации затоа што немаат доверба во јавните институции или се плашат дека ќе бидат казнети. Од таа причина важно е институциите редовно да соработуваат со таквите организации во формулацијата и спроведувањето на делотворни програми за да ги обезбедат неопходните средства,“ истакна Светиот Отец. Според неговото мислење средбата, вмрежувањето, социјалните мрежи и духовноста се корисни средства за остварување на соработката.
На крајот папата Фрањо порача дека децата се „знак“: „Децата се знак на надеж, живот, но и дијагностички знак кој укажува на здравјето на семејството, општеството и целиот свет. Каде децата се прифатени и сакани, каде што за нив се води грижа и се штитат, семејството е здраво, општетсвото е здраво, светот е хуман,“ стои на крајот од пораката на Папата.
РВ/к.мк