Во Струмичката катедрала епископот Стојанов служеше Божиќна света Литурија

Во Струмичката катедрала епископот Стојанов служеше Божиќна света Литурија

Вечерта на 6 јануари 2025 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света божествена архиерејска Литургија во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, на која сослужуваа катедралниот парох протојереј ставрофор отец Спасо Ристов, поранешниот катедрален парох протојереј ставрофор отец Георги Трајков, протојереј отец Гоце Костов и отец Трајче Ташев.

Пред почетокот на Литургијата во процесија епископот Стојанов го положи Богомладенецот Исус во јаслите од пештерата, како видлив симбол за Раѓањето Христово.

Во проповедта владиката Стојанов зборуваше за таинството на настанот во Витлеем, поврзувајќи го со Јубилејната година, која започна со отворање на светите врати на папските базилики во Рим, но и со отворање на јубилејните врати во месните цркви ширум светот.

Во оваа прилика епископот Стојанов потсети дека јубилејни места за ходочестие во Македонија и места за добивање потполн опрост се катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица Светилиштето „Света Мајка Тереза“ во НУ Спомен куќа на Мајка Тереза во Скопје и Светилиштето „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци.

Зборувајќи за темата на Јубилејната година, ходочесници на надежта, епископот Стојанов, ја дефинира надежта врз основа на Стариот и Новиот завет, давајќи конкретни примери од Светото Писмо и ги повика верниците да ги искористат благодатите кои ги нуди јубилејната година.

За време на светата архиерејска Литургија пееше катедралниот хор.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот