Во Скопската катедрала прославен празникот на Евхаристијата

Во Скопската катедрала прославен празникот на Евхаристијата

На 15 јуни 2017 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа свечена евхаристиска прослава на празникот Пресвето Тело и Крв Христови – Телово, која беше предводена од Скопскиот бискуп и Апостолскиот егзарх монс. д-р Киро Стојанов.

Во концелебрација со бискупот Стојанов беше скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, бискупскиот канцелар о. Маријан Ристов и о. Ѓорѓи Динов.

Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри, празнувањето на Телото и Крвта Христови – Телово нѐ става во централен сојуз на Бога со човекот и човекот со Бога. Книгите на кои се темели христијанската наука и вера се книги на сојузот. Денес на оваа празнување прво се спомнуваме на сите тие сојузи помеѓу Бога и човекот низ целата историја на спасението. Сите тие сојузи покажуваат две реалности: Првата е: дека Бог е иницијатор на сојузите и Тој го повикува човекот на Сојуз со себе да го спаси и Второ: гледаме генерации на Сојузници кои ниту еднаш не останале верни на својот сојуз. Значи, Бог, како што вели свети апостол Павле и покрај нашата неверност Тој останува верен, бидејќи не може да се затаи самиот себе. А ние, луѓето, постојано предизвикани од многуте околности лутаме и често одлутуваме од Божјиот сојуз и секогаш паѓаме толку ниско и се наоѓаме пред опасноста на самоуништување. И тогаш повторно се објавува Бог кој од тој пад нѐ подигнува, бидејќи Бог останува верен“.

„Сепак, самиот чин на склопување сојуз се случува на Последната вечера. Таа Последна вечера литургиски дословно пренесена е пасхална вечера пред излезот од Египет како знак на конечно ослободување. Но, овде, место пасхалното Јагне или мана во пустината Исус Христос го нуди своето сопствено тело како жртва и како храна. Својата сопствена крв како жртва и како питие. Често забораваме дека тој Нов и Вечен сојуз исто така имаше своја тема на сојуз, не повеќе плоч,а не декалогот ,туку само, како Исус вели, нова заповед ви давам да се љубите помеѓу себе како што јас ве возљубив вас. Единствената нова заповед на Новиот и Вечен сојуз е единството на учениците во љубовта и тоа не било каква, туку точно одредена: како што јас ве возљубив вас. Таа љубов оди до крај, бидејќи никој нема поголема љубов од оваа кога својот живот го дава за своите пријатели. А вие сте мои пријатели„.

По завршувањето на молитвата по причеста следеше процесија со светата Причест околу катедралата со молитва и песна. Литургијата ја пренесуваше Радио Марија Македонија, а литургиското пеење го анминираше парохискиот катедрален хор под диригентската палка на сестра Татјана Атанасова.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот