Во сабота 5 јули 2025 година во Паљурци на Чуката, пред црквата „Мајка Божја Утешителка“ Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, ги благослови 14-те крста кои го сочинуваат Крсниот пат на отворено, кој по благословот беше поставен на просторот околу светилиштето во Паљурци.
На благословот со епископот сослужуваа ректорот на светилиштето, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот во Богданци протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, заедно со други свештеници од епархијата. На свеченоста молитвено се придружија сестрите Евхаристинки, како и бројни верници од повеќе парохии од Македонија.
Епископот Стојанов истакна дека: „Овие крстови, покрај тоа што се потсетување за Христовото страдање, истовремено нé повикуваат и на молитва во ова возобновено молитвено место.”
Крстовите се поставени на претходно обележани и подготвени места, на отворено, претставувајќи го страдањето на Исус Христос – од судницата на Понтиј Пилат до распнувањето на Голгота. Овој Крстен пат, прв од ваков вид на отворено, е реализиран благодарение на ангажманот на ректорот на светилиштето, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, и великодушноста на повеќе донатори. Тој претставува уште еден чекор во развојот на светилиштето во Паљурци, кое сè повеќе се утврдува како важен духовен центар за Католичката црква во Македонија.
к.мк