Во Париз се одржа Европската конференција на Радио Марија

Во Париз се одржа Европската конференција на Радио Марија

Од 2 до 4 март 2026 година во Париз се одржа Европската конференција на Радио Марија, на која учествуваa претставници на 26 земји од Европа во кои делува радиото на Богородица, а Радио Марија Македонија беше застапена од директорот протојереј отец Гоце Костов.

Конференцијата започна со света Литургија во Светилиштето на Чудотворниот медалјон во Париз

Во поздравниот говор отец Ливио Фанзага, главен уредник на Радио Марија Италија и советник на главните уредници, истакна дека за Божјото слово нема граници, затоа што, благодарение на бројните радиофреквенции што денес го покриваат целиот христијански свет, „брзо се шири Неговото слово“. Тој додаде дека чудото на Радио Марија, кое денес делува во целиот свет, може да се искаже со еден збор: љубов, љубовта на Мајката и љубовта на децата кон Мајката, која ни го дава ова радио како дар. Таа свест и одговорност треба да бидат движечка сила, бидејќи сме повикани да бидеме она што Блажената Дева Марија го очекува од нас, за да допреме до срцата на луѓето. Радио Марија започна како радио на молитва и секогаш треба да остане христијански водич за живот по примерот на Христос. Повикани сме да ѝ служиме на Црквата во нејзината разновидност и богатство, рече отец Ливио.

Претседателот на Светското семејство Радио Марија, Виторио Викарди, истакна дека никогаш не треба да се плашиме од предизвиците во нашата работа, затоа што таа е едноставна, чиста, исправна и секојдневна. Тој нагласи дека како Светско семејство треба да одговориме на новите предизвици во светот и да градиме односи на љубов и вистинска комуникација.

Средбата беше исполнета со размена на искуства, духовност, соработка, работилници и едукација, а заврши со света Литургија во катедралата Нотр Дам, која е обновена по пожарот.

Покрај тоа учесниците кои пристигнаа ден порано имаа можност да служат света Литургија во црквата на Лазаристите во Париз, каде што се и моштите на свети Винко Паулски.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот