Во Охрид прославен празникот Преображение Господово

Во Охрид прославен празникот Преображение Господово

Монсињор Стојанов: Молитвата и храмот се нашата денешна гора на средба со Бога

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на празникот Преображение Господово, кој се слави на 6 август според грегоријанскиот календар, служеше света Литургија во црквата „ Свети Бенедикт и Свети Кирил и Методиј“ во Охрид.

На светата Литургија со епископот сослужуваше парохот отец Оливер Тантушев. Присуствуваа бројни верници, ходочесници и посетители, како и сестрите Евхаристинки. За време на богослужбата пееше хор од Унгарија, кој овие денови има свои настапи во Охрид.

Во својата проповед, епископот Стојанов се осврна на значењето на празникот Преображение Господово, кога Христос на гората Тавор им ја открива Својата божествена слава на учениците. Тој го поврза овој настан со библиското искуство на Мојсеј, кој по средбата со Бога слегол со лице што зрачело светлина.

Епископот нагласи дека човекот не може сам од себе да ја поседува Божјата светлина, туку таа станува видлива во него кога живее во Христовиот мир. „Ако сме затворени само во себе и свртени единствено кон сопствените интереси, Божјата светлина не може да се види во нас. Но ако во себе го носиме Христовиот мир, тогаш таа светлина почнува да свети и преку нашиот живот“, порача епископот Стојанов.

Поставувајќи го прашањето која е нашата гора денес, монсињор Стојанов истакна дека за современиот христијанин тоа се молитвата и храмот, местото каде што човекот застанува пред Бога, Му говори и се среќава со Неговата слава.

На крајот од светата Литургија, хорот од Унгарија имаше свој краток настап во црквата, со што дополнително беше збогатено празничното чествување во охридската парохија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот