Драги посетители на порталот Католици.мк и драги слуштели на Радио Марија
Се наоѓаме во месец мај, кој Црквата посебно го посветува на Пресвета Богородица. А Македонија и македонскиот народ се посветени токму на неа. Неговото опстојување низ историјата е благодарение на нашата Небесна Мајка. Во тешките ситуации од својата историја македонскиот народ постојано прибегнувал кон Богордица. Така нека биде и денес, посебно во овој месец мај, да бараме помош за да се избавиме од заразата, стравовите и проблемите кои ја погодија оваа наша прекрасна библиска земја.
Нашите молитви да ги ставиме во рацете на нашата Мајка, Пресвета Богордица. И да не дозволиме да ни ја одземат од раце, од нашите прегратки, туку напротив во овие тешки времиња уште почесто да прибегнуваме под нејзиниот покров и силно да ја прегрнеме со нашите молитви. Затоа од срце Ве повикуваме да се придружите на заедничката молитва Света Бројаница на програмата на Радио Марија.
Господ Исус Христос од крстот му рече на апостолот Иван: Еве ти Мајка? Давајќи му ја на него за Мајка, Тој ни ја дарува на сите нас, да биде и наша Мајка. Така Богородица стана и нашата Мајка. Но да ги повикаме и другите, кои не ја познаваат, нека почуствуваат што значи да се биде син и ќерка на Богородица. тие нека го почуствуваат нејзиното мајчинство и нејзините топли прегратки.
Пресвета Богородице, моли се за нас.
о. Гоце Костов
Радио Марија/к.мк