Се работи за „Колегиум Редемпторис Матер за Азија“, со седиште во Макао чие управување е доверено на Неокатекуменски пат и е директно подложено на Конгрегација за евангелизација на народите
Конгрегацијата за евангелизација на народите неодамна со декрет потпишан од нејзиниот префект, кардиналот Фернандо Филони го основа Институтот за формација на нови свештеници кои како мисионери ќе евангелизирааат во Азија. Се работи за „Колегиум Редемпторис Матер за Азија“, со седиште во Макао чие управување е доверено на Неокатекуменскиот пат и ќе биде домаќин на првата група студенти од различни земји од светот во септември – објави Католичката новинска агенција Фидес.
Тој потфат е одговор на апелот на папата Иван Павле II кој во енцикликата „Редемпторис Мисио“ изразува убедување дека Азија ќе биде големиот континент на кој пред сѐ ќе треба да се насочи „missio ad gentes“, а на покана на папата Фрањо Црквата да „излезе“ за да им го навестува евангелието на сите. Како што е предвидено со статутот, Колегиумот ќе одговара директно на Конгрегацијата за евангелизација на народите, одржувајќи контакти со локалниот епископ и ќе може да има свои подружници и на други места и земји.
Целта на Колегиумот е да формира идни свештеници преку изучување на филозофија и теологија за „евангелизација која е на патот“. Свештениците ќе бидат испратени во разни азиски земји според пасторалните потреби, а во нивната мисија ќе можат да им помагаат семејствата од Неокатекуменскиот пат, кои исто така се на рспоалагање да бидат испратени таму каде што е потребно.
Таа нова структура е плод на апостолска креативност која се стреми кон евангелизација на тој континент – рече кардиналот Филони во интервјуто објавено од агенцијата „Фидес“ и „Л’Осерваторе Романо“ и истакна: Во историјата на мисиите на Црквата биле избрани многу облици и начини за навестување на евангелието во Азија. Кардиналот наведува големи редови како што се Исусовците, Доминиканците и Фрањевците; активности на многу специфични мисионерски институти; испраќање на свештеник „fidei donum“ или меѓуепархиска мисионерска соработка и соработка помеѓу Црквите на некои народи. Светиот Дух инспирира нова форма што ќе ја искусиме.
Кардиналот се осврна на прашањето зошто новиот Колегиум му е доверен на Неокатекуменскиот пат и рече дека тие се ставија на располагање на Конгрегацијата за наука на верата, која има директна правна одговорност над Колегиумот и долгогодишно искуство на формации на идни свештеници за мисии во Азија.
Што се однесува до изборот на седиштето во Макао, кардиналот Филони во разговорот потсети дека е добро позната важноста на тоа место како центар за промовирање на евангелизацијата на Далечниот Исток. Таму имаше извонредни мисионери како Матео Ричи, Алесандро Валињан, Фрањо Ксаверски и многу други навестители на евангелието кои поминаа низ овие „порти“ за мисии во Азија. Денес, новиот Колегиум во Макао е плод на посебна мисионерска иницијатива и метода која папата Фрањо ја охрабри и одобри – заклучи раководителот на Конгрегацијата за евангелизација на народите, кардиналот Фернандо Филони, предавајќи ја таа иницијатива во рацете на Марија, Мајка на Откупителот и Свети Јосиф, заштитникот на светото семејството од Назарет – објави агенцијата Фидес.
Ватикан њуз/к.мк