Во Либан се прави најголемата бројаница во светот

Во Либан се прави најголемата бројаница во светот

Протегајќи се речиси 600 метри низ еден либански рид, најголемата бројаница во светот станува извонредно место за молитва и ходочестие.

Ако некогаш ви било тешко да го следите редот додека се молите на Бројаницата, решението можеби би било зрната да бидат долги речиси пет метри.

Секако, тоа не била главната мотивација зад извонредниот проект Rosaire du Liban, односно Либанската бројаница, која се издига на ридовите во Деир ел Ахмар. Со должина од околу 600 метри и со 59 огромни бетонски зрна, овој необичен проект еден од најпознатите молитвени предмети во Католичката црква го претвора во духовен простор низ кој ходочесниците можат да одат и да се молат.

Проектот веќе се опишува како најголемата бројаница во светот

Според „The Beiruter“, идејата за ова место се развивала со години, а нејзините почетоци се поврзуваат со духовна средба што еден млад Либанец ја доживеал во Меѓугорје во 2006 година. Вдахновен од желбата да се создаде место посветено на Пресвета Богородица и на молитвата, проектот подоцна се развил под покровителство на Либанскиот маронитски ред. Работата на бројаницата започнала во 2008 година.

Бројаница низ која може да се оди

Размерот на оваа бројаница е тешко да се замисли. Таа се протега низ пејзажот во должина од околу 600 метри и е составена од 59 огромни зрна. Според претходни описи на проектот, секое зрно има димензии од приближно 4,9 на 3,5 метри.

Но тие не се само големи бетонски форми создадени за да изгледаат впечатливо од воздух. Целиот простор е замислен како место за молитва, ходочестие и духовна средба.

Според неодамнешни извештаи од Либан, зрната што ја претставуваат молитвата „Оче наш“ треба да станат исповедалници, додека оние што ја претставуваат молитвата „Радувај се, Маријо“ ќе служат како мали светилишта посветени на светци, со информации за нивниот живот.

Патеката завршува кај Крстот на Воскресението, а поширокиот комплекс вклучува и манастир и црква, каде што веќе редовно се служи света Литургија.

Со други зборови, ова не е бројаница што треба само да се гледа. Во неа треба да се влезе, низ неа да се оди и во неа да се моли.

Вера испишана во пејзажот

Она што ја прави Либанската бројаница особено впечатлива е и нејзината локација. Деир ел Ахмар се наоѓа во либанскиот регион Бекаа, земја во која христијаните со децении живеат во услови на политичка нестабилност, економска криза и конфликти.

Во таков контекст, изградбата на огромна бројаница може да изгледа смело. Но можеби токму тоа е и нејзината порака.

Осветлената структура е замислена да биде видлива и од земја и од воздух, а нејзините зрна трасираат пат низ ридовите кон Крстот на Воскресението.

Проектот е поддржан од Либанскиот маронитски ред и од здружение поврзано со иницијативата, а според извештајот на „The Beiruter“, во голема мера се потпира на донации. Еден свештеник вклучен во проектот проценил дека само бетонот чинел повеќе од 13 милиони долари.

Истиот извештај опишува како верниците во текот на годината се собираат меѓу зрната на бројаницата за да ја слават Евхаристијата на отворено.

За католиците навикнати бројаницата да ја носат во џеб или во ташна, размерот на Либанската бројаница е речиси неверојатен. Но без разлика дали бројаницата се држи во раце или се протега низ рид долг речиси 600 метри, нејзината цел останува иста.

Таа ги води верниците, молитва по молитва, низ животот на Христос.

А за оние што ќе патуваат во Либан, ова место може да стане дел од пошироко ходочестие. Во земјата се наоѓаат и други големи христијански споменици, меѓу кои Христос Спасителот на Џабал ал-Салиб, статуата на свети Шарбел во Фараја и големиот Крст на сите народи во Канат Бакиш.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот