Во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје бискупот Стојанов служеше Воскресна света Литургија

Во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје бискупот Стојанов служеше Воскресна света Литургија

Во сабота вечер на 30 март 2024 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов служеше воскресна света Литургија во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Со бискупот Стојанов сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, декан, ректор на Светилиштето во Паљурци и директор на Македонски Каритас отец д-р Зоран И Стојанов, бискупскиот канцелар отец Марјан Ристов,  отец Гоце Костов, директор на Радио Марија, отец Горги Динов, парох во Нова Маала, отец Илија Стојанов парох во Радово и катедралниот капелан Томислав Рукавина.

Покрај верниот народ на светата Литургија присуствува директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски и бројни луѓе од дипломатскиот кор и јавниот културен и општествен живот. За време на Литургијата пееше Катедралниот хор под водство на Јулија Неловска.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, и внесување на воскресната свеќата во катедралата.

За време на својата проповед бискупот Стојанов врз основа на евангелските извештаи се осврна на случувањата на воскресното утро и доживувањата на жените и учениците истакнувајќи дека Марија Магдалена стана првиот сведок на воскреснатиот Христос, која во наше време Црквата ја почитува како апостол на апостолите. Таа добила важна задача да не се задржува со Исус, туку да оди кај неговите ученици и да им ја соопшти радосната вест. Тие не ѝ поверувале веднаш, но, сепак, таа беше првата личност што Исус ја испратил да ја објави Радосната вест за Воскресението – рече бискупот Стојанов и додаде: „Иако никаде не е запишано, можеме да претпоставиме дека Исус најпрво и се јавил на својата мајка Марија, која била интензивно поврзана со Христовото страдање и која верувала, се надевала и го сакала како никоја друга. Затоа таа веројатно била првата што ја добила веста за Исусовото воскресение.“

Понатаму монсињор Стојанов рече дека во овие неколку евангелски извадоци кои ги спомна, а го опишуваат празниот гроб и случувањата по воскресението, можеме да забележиме дека кај жените и учениците преовладувале најразни емоции: страв, ужас, неизвесност, сожалување, немир, тага, радост…, нагласувајќи дека можеме само да претпоставуваме сѐ што поминувало низ мислите на учениците и жените. Најверојатно се појавиле и многу прашања на кои едноставно немале одговор. Како понатаму! Што ќе биде со нас? – рече бискупот Стојанов.

Земајќи ги во предвид овие прашања на жените и апостолите, епископот Стојанов рече: „Овие прашања како и да се наши, посебно во ова време на војни, страдања, убиства, терористички напади… Несигурност, немир, неизвесност. Сѐ изгледа апсолутно обесхрабрувачки, безнадежно! Така било со учениците сѐ додека не го сретнале Христос жив, воскреснат, преобразен.

Христос Воскреснатиот, како и на учениците така и нам сака да ни го даде својот мир за кој копнее ова страдално човештво, но не мир кој го познава светот, туку мирот на Воскреснатиот, кој е нешто повеќе и подлабоко од само молчење на оружјето. Тоа е мир, кој непријателот го прави брат, немирот го претвора во мир, омразата во љубов, насилството во меѓусебно служење, мир кој поттикнува оружјата да се претворат во плугови (сп. Исаија 2,4)

Но без Христос не можеме да го достигнеме идеалот на тој мир. Затоа ни е потребен денес Христос во секоја пора на нашето глобално општество. Затоа денешниот ранет, егоистичен и рамнодушен човек треба да се сретне со Христос во прекршувањето на лебот и Словото, за да се отворат гробовите и да биде победено сѐ она што носи уништување и смрт на човекот, Божјото создание и целото човечко семејство.

Тука е и посланието на денешните Христови ученици: Воскреснатиот Христос денес и нас нѐ испраќа во овој свет да го даруваме неговиот мир, Радосната вест, дека смртта е победена и дека секој човечки напор за доминација, власт, собирања богатства е залудно, затоа што Христос го победи светот. Целата човечка суета ќе ја изгуби смислата кога Христос ќе дојде повторно во својата слава.

Ние сме Исусови ученици и ја имаме истата задача како и првите ученици: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам вас“ (Иван 20,21). Да бидеме радосни сведоци на Исусовото воскресение со својот живот и својот збор, каде и да сме.“

На крајот од својата проповед бискупот Стојанов се заблагодари на државниот врв, поглаварите на верските заедници, организации, здруженија, институции и поединци за честитките кои овие денови ги упатија до него и верниците по повод празникот Воскресение Христово.

Проповедта ја заврши со зборовите: На сите ви посакувам среќен празник Воскресение Христово! Христос воскресе!

к.мк

повеќе фотографии на FB

Категорија: Вести, Македонија

За авторот