Претседателот на Папскиот совет за промовирање единство на христијаните, кардинал Курт Кох, во петокот 4 ноември 2020 година, го претстави документот „Бискупот и единството на христијаните: Екуменски водич“.
Водичот кој е наменет за бискупите треба да ги охрабри и да им служи во нивната работа за единство на христијаните. Ваков документ беше побаран во 2016 година од членовите на Папскиот совет.
Излегува по повод 25-годишнината од енцикликата на свети Иван Павле II „Ut unum sint“ и 60 години откако свети Иван XXIII го основа Советот.
Папата Фрањо во едно писмо по повод 25-годишнината од енцикликата рече дека служењето за единството е важен аспект од посланието на секој бискуп, кој е ’видлив извор и темел на единството’.
Новиот водич се темели на енцикликата II „Ut unum sint“, на Декретот од Вториот ватикански собор за екуменизмот „Unitatis redintegratio“ и два документи на Папскиот совет: Директориумот за примена на принципите и нормите за екуменизмот (1993) и Екуменска димензија за формацијата на оние кои се посветуваат за свештенство.
Документот има два главни дела. Кардинал Кох рече дека во првиот се објаснува што се бара од Католичката црква во исполнувањето на нејзиното екуменско послание, истакнувајќи дека потрагата по единство е пред сѐ предизвик за католиците.
Вториот дел ги испитува четирите начини на кои Католичката црква може да комуницира со другите христијански заедници. Тоа се: духовен екуменизам, дијалог на милосрдие, дијалог на вистината и дијалог на животот.
Кардиналот Кох истакна дека документот не само што поставува принципи, туку нуди и „практични препораки“ кои бискупите можат да ги преземат на локално и покраинско ниво.
Претставувањето на документот кардинал Кох го заврши потсетувајќи на зборовите на Папата дека единството на христијаните е патување и ако се упатиме на тоа патување со Христос, Тој ќе оствари единството. Изрази надеж дека Екуменскиот водич ќе им помогне на бискупите и на целата Црква на патот кон потполно заедништво, за кое што Господ се молеше.
Ватикан њуз/к.мк