(Видео) Молитвената накана на Папата за март: „за разоружување и мир“

(Видео) Молитвената накана на Папата за март: „за разоружување и мир“

Папата Лав XIV ја објави својата молитвена накана за месец март, повикувајќи ги католиците да се молат со него „за разоружување и мир“,молејќи „нуклеарната закана никогаш повеќе да не ја диктира иднината на човештвото“.

Месечната молитвена накана на папата Лав XIV за март е „за разоружување и мир“.

 

Папата ја повика Црквата да се моли за оваа накана во овој месец преку видеото „Видео на Папата“, кое, преку Папската светска молитвена мрежа, се препорачувана целата Католичка Црква.

Папата Лав ја започнува молитвата потсетувајќи дека Господ го создал секое човечко суштество според Својот образ и подобие, и дека нè создал „за заедништво, а не за војна“, „за братство, а не за разурнување“.

Вистинска сигурност и дарот на мирот

Ти, Кој ги поздрави Своите ученици со зборовите: „Мир вам“, подари ни го дарот на Својот мир и сила да го претвориме во стварност во историјата.

„Денес“, рече папата Лав, „ја вознесуваме нашата молитва за мир во светот, молејќи народите да се откажат од оружјето и да го изберат патот на дијалогот и дипломатијата“.

Тој Го замоли Господ да ни помогне „да ги разоружиме нашите срца од омраза, огорченост и рамнодушност“, за „да станеме орудија на помирување“.

„Помогни ни да сфатиме“, нагласи тој, „дека вистинската сигурност не произлегува од контрола поткрепена со страв, туку од доверба, правда и солидарност меѓу народите“.

Нуклеарната закана никогаш повеќе да не ја диктира иднината на човештвото

Папата се помоли Господ да ги просветли водачите на народите „за да имаат храброст да се откажат од проектите на смртта, да ја запрат трката во вооружување и животот на најранливите да го стават во средиште“.

„Никогаш повеќе нуклеарна закана“, истакна тој, и „да не ја диктира иднината на човештвото“.

Светиот Отец се помоли Светиот Дух да нè направи верни и креативни градители на секојдневниот мир во нашите заедници, семејства, градови и срца.

На крајот, папата Лав се помоли секој љубезен збор, секој гест на помирување и секој избор за дијалог да бидат семиња на еден нов свет.

„Видео на Папата“

„Молете се со Папата“ е официјална светска иницијатива со цел да ги шири месечните молитвени накани на Светиот Отец. Ја спроведува Папската светска молитвена мрежа, Папско дело доверено на Дружбата Исусовци.

Иницијативата била основана во 1844 година како Апостолат на молитвата. Во декември 2020 година папата Фрањо го воспоставил ова понтификално дело како Ватиканска фондација, а конечните статути се одобрени во јули 2024 година.

Од 2016 година, „Молете се со Папата“ има повеќе од 247 милиони прегледи на сите ватикански социјални мрежи, преведено е на повеќе од 23 јазици и е медиумски пренесувано во 114 земји.

Светската молитвена мрежа на Папата се насочува кон мобилизирање на католиците преку молитва и дејствување како одговор на предизвиците со кои се соочува човештвото и мисијата на Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот