(Видео) Месечната молитвена накана на епископот Стојанов за мај 2024 е посветена на земјоделците
Во месечната молитвена накана за месец мај 2024 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов повикува на молитва за земјоделците
Во последните години земјоделците се соочуваат со многу предизвици, особено од зголемените трошоци, несигурни пазари, климатски промени… Дали е ова единствен момент во кој живееме? Не знам, но ова секако е момент кога молитвата изгледа неопходна за земјоделците.
Земјоделството е составен дел од нашето секојдневие и отсекогаш било благородна професија. Голем број од нашето население се занимава и живее од земјоделство, а сите ние ги користиме нивните плодови. Многу земјоделци се убедени дека добиваат посебен благослов од Бог токму преку нивната работа на нивите, и со право бидејќи апостол Павле вели: Оти земја, кога го впива дождот, што често паѓа на неа, и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов (Евреите 6,7)
Се надевам дека ќе ми се придружите во молитвта за земјоделците и нивните семејства. Ве повикувам да упатиме молитви за нив кои вложуваат голем труд и работат толку напорно за да имаме храна на нашата трпеза. Да ја воздигнеме нашата молитва до Господ Исус Христос, затоа што Тој дарува во изобилство. Нека ги благослови полињата и оние кои работат на нив, нека имаат изобилна жетва и богат род. Нека ги заштити од невреме и да не бидат злоупотребени од поединци за богатење преку нивниот труд.
к.мк