Велики Петок – Вистината помеѓу двата закона

Велики Петок – Вистината помеѓу двата закона

Господовото страдание и смртта на крстот, кои денес се во центарот на нашето размилсување, е најтрагичниот чин во човековата историја, бидејќи човекот дошол до таа мера да дигне рака на Бог, да го прикова на крстот. Тоа што загрижува повеќе е што сето тоа се случило според законот. И тоа не само според еден, туку според два закона. Божјиот Син кој дошол да ги ослободи луѓето од осудата на гревовите, самиот се најде пред осудата на луѓето кои го осудиле и во името Божје и во името на човечката власт. Пострада од неправдата на оние кои им било должност да ја штитат правдата и законите. Спасителот на човечкиот род беше погоден од религиозното и граѓанското право, само затоа што човечките законодавци се чувствувале навредени кога сакал да истакне дека вистината за Бога и за човекот било значењето на секој закон. Во религиозниот закон на својот народ сакаше да вдахне душа, бидејќи бил збор без душa, но и самиот стана жртва на неговата бездушност, заради оние кои убивале во Божјето име, судејќи според зборот на Законот. Цивилниот закон пак бил покритие за лажна правда, бидејќи бил збор на хартија. Неговата правда се појавила под теретот на разни интереси, кои воделе кон неправедни осуди како тоа во светот да било најнормално.

Господ Исус згрешил само во едно: сакал луѓето да ги научи на вистината и затоа пред Пилат вели: Јас затоа се родив и дојдов на светот за да сведочам за вистината. Кој е од вистината, го слуша мојот глас. Но голема и жална вистина е што луѓето повеќе ги почитуваат променливите закони со кои можат да манипулираат, отколку Божјата несомнена и непроменлива вистина. Посебно кога им е потребна потпора за неправедните и неоснованите осуди, пресуди и предрасуди, лесно се снаоѓаат и го изменуваат законот според нивните потреби. Тоа го покажаа членовите на Синедрионот, тоа го покажа римскиот намесник Понтиј Пилат, тоа го покажуваат и современите законодавства кои служаат за делумни интереси, во крупен капитал и политиката. Но секако, секогаш сите си ги мијаат рацете од направената неправда, покажувајќи чисто лице, заборавајќи дека ќе полагаат сметка пред Бога чија вистина ја погазиле. Многумина како Пилат и Синедрионот, му служаат на законот со цел да си ги спроведат своите планови, а не со помош на нив да ја заштитаат правдата и еднаквоста за секого.

Затоа Господовата осуда пред двата суда е траен знак кој за нас станува школо за законодавство и правосудство. Осудениот и убиениот Божји Син денес нѐ учи дека доколку зад религиозниот и цивилниот закон не стои вистината за Бога и човекот, тогаш тие закони се претвораат во голема неправда. Дури и кога тие се остроумно формулирани до ситен детал, секогаш се катастрофални и штетни ако отфрлаат да ја спознаат Божјата вистина. Но штом човекот ќе сврти грб на вистината, штом не би сакал да ја спознае или самиот себе се оддалечува од нејзиното запознавање, дури и кога совршено му функционира правната држава, тој би го сторил она духовно злосторство убивајќи ги основните духовни вредности на својот живот. Таму каде што правдата не лежи на вистината, законот станува свирепа контраверзност и сурова лага. Бидејќи законот кој не се држи до вистината, го изложува човека на срам и го остава на милост и немилост на моќниците, како што бил Исус пред Пилат.

Но вистината која, како пред Синедрионот и пред Пилат, така и денес овде Господ Исус Христос сакаше да ни ја посведочи е вистината за Бог кој ги љуби луѓето. Неправедно осудувајќи го на смрт на крстот, луѓето не знаеле дека со тоа на земјата ќе оставаат постојан и неискажлив белег на вечната Божја љубов за човекот. Подигнувајќи го крстот на кој ќе виси Вистината, го поставиле и оставиле најсветлиот и најчесен симбол на вистината до крајот на светот. Само Божјата распната Вистина може да биде вистина на човечкиот живот, а само крстот може да биде мерка за вистината. Без вистината која на крстот ги раширила рацете за да ни покаже колку Бог нѐ љуби, не може да го разбереме животот, ниту пак да имаме надеж за иднината.

Затоа вечерва да го чествуваме Господовиот Крст на кој ни се објавила полнотата на Божјата Вистина, а содржана е во фактот дека Бог го љубл светот до таа мера што го даде својот единороден Син да умре за нашето спасение. На крстот на кој бил подигнат за да се исполни Писмото кое вели: Ќе погледнат на оној кого го прободоа, Божјата вистина ни останува трајно очигледна, достапна и дофатлива. Според праведниот слуга, кој многумина оправда, вистината ни е така оголена и разоткриена, при што не може да речеме и да тврдиме дека не сме во состојба да ја препознаеме.

Вечерва Божјата распната Вистина да нѐ инспирира и да нѐ зацврсти за животот на вистината во верата, бидејќи кога би живееле според правдата и законите, но без вистинската љубов, би го направиле животот обичен пустош. Додека го обожаваме светиот Крст, и Вистината на него распната, нека нѐ облие сјај на оваа вечна Вистина, за да би оделе постојано во нејзиниот сјај. Во нас нека се разгори жедта за неа и покрај сите предизвици, да се усогласуваме според неа, така што нашата праведност да стане Божја, а не човечка. Со доверба да пристапиме кон овој Престол на благодатта и вистината, за да примиме милосрдие и да најдеме милост за помош во последниот час, на кој овој свет знак е гаранција и ветување за вечното спасение.

Вера и Дела/З.А.

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот