По повод празникот Воскресение Христово, на 8 април 2018 година, првиот ден од Велигден во претпладневните часови, Н. В. П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија служеше Света Архиерејска Литургија во парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала,во сослужение на парохот о. Спасо Ристов и капеланот о. Ванчо Назов.
Во својата проповед, Неговото Високо Преосвештенство истaкна дека се радува што почнувајќи од Полноќната Велигденска ноќ, овој ден и деновите што следуваат, голем број верници ја живеат велигденската вера на Восктреснатиот Христос, сведочејќи ја со нивното присуство на оваа света Евхаристија. Прашувајќи „кој нѐ донесе овде во Божјиот храм“, рече дека тоа е „нашата вера во која што веруваме, дека Христос воскресна од мртвите, дека Христос е вистинскиот Божји Син, дека Христос нѐ спаси и откупи и дека ни подари вечен живот. Токму Христос Воскреснатиот нѐ донесе тука.“ Со тоа воедно на сите присутни и на сите оние кои не биле во можност да бидаат присутни, од сѐ срце им го честита празникот на Христовото Воскресение, посакувајќи им Христовото Воскресение да ги расветли нивните срца и нивните души, и секогаш да останаат верни на Христос Воскреснатиот.
Парохот о. Спасо Ристов на крајот од Светата Литургија го поздрави епископот Киро Стојанов и му се заблагодари за неговото присуство, преку кое беше сведок и сведочеше за Христовото Воскресение. Му се заблагодари за пригодната проповед преку која, како што Господ сакаше да ги научи апостолите на сведочење, удели благослов и храброст за да можаат верниците исто така да бидаат сведоци на Христовото Воскресение во парохијата.
Исто така им се заблагодари на сите оние, кои преку молитва и одржување на Божјиот храм потпомогнаа достојно да се дочека овој светол празник.
О. Спасо Ристов и о. Ванчо Назов преку Великата Седмица исто така беа на располагање преку Светата Тајна света. Исповед верниците да ги очистат своите души достојно да го примат Исуса Воскреснатиот во Пресветата Евхаристија.
Светата Литургија заврши со многолетствие.
З.А.