Велигденска проповед на Владиката Киро во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

 Христос Воскресе! Драги браќа и сестри во Христос Воскреснатиот!

Св. апостол Павле на едно место спомнува дека сме најбедни луѓе ако не веруваме во Христовото Воскресение. Навистина, постои една оправдана опасност дека човекот на денешницата, кој целиот е упатен на материја и материјализам тешко размислува на една друга реалност која и така го надминува нашето искуство дури и можноста на знаењето. Ако една верска истина почива исклучиво на верата тогаш тоа е токму таа вистина која денес ја славиме: Христовото воскресение. Но, Христовото воскресение не е некое си спознание туку историски настан кој што се случил и кој во оваа наша преодна историја е поврзан со онаа надисторија во која живее Бог. Во Христовото воскресение се среќава Божественото и човечкото на еден посебен начин и затоа не е чудно што во оваа тржествена св. Литургија Црквата како Мајка сака секому од нас да упати најдлабок збор, зашто конечно од нас овој настан и оваа верска вистина бара СВЕДОЧЕЊЕ.

Евангелист Лука во Делата на апостолите својот пријател Теофил кој е Грк и паганин сака да го поучи за сето тоа што Христос научуваше и правеше. Пред сè сакам да ја пренесам Исусовата заповед дека Тој, Лука и останатите апостоли испратени се тоа да го сведочат. А знаеме дека Делата апостолски се прва историја на Црквата што ги започна св. Лука и кои сеуште и денес се пишуваат – а ќе се пишуваат сè додека трае сведоштвото на апостолите.

Тоа што сакам заедно со вас, во оваа свечено празнување, да размислувам е воведот во Евангелието на св. Иван. Исусовиот мил ученик. Необично е да овој извадок од Евангелието во многу цркви и обреди се чита на Божик, а еве и на Велигден. Зошто? Иван во овие редови ја донесува севкупната историја на спасението. Бог е создател на светот но го создаваше светот според сликата на својот Син кој од векови ја има во себе. Самото создание е чин на Бог Создателот но едноставно со еден збор: НЕКА БИДЕ. Божјата семоќ за нас луѓето е причина да со страхопочит се среќаваме со Бога кој е Семоќен. Ние сме само созданија Тој е единствениот Создател. Ни живот, ни дах, ни било што друго не би било да Божјата добрина и сега не нè држи на својата дланка, односно не го држи сиот создаден свет. Св. Павле вели: „во Него живееме, се движиме и сме“. Човекот е создаден според сликата на Божјото слово.

Наједноставно кажано, Бог сакаше на Божествен начин да биде присутен во создадениот свет, дури и материјалниот преку едно прекрасно суштество, кое е слично на Него, а тоа е човекот. Драги браќа и сестри, не можеме ниту да си замислиме со колкава љубов, да не кажам вљубеност, Бог го создаде човекот. До таа мера беше вљубен што дури и слобода му даруваше. Таа слобода е причина што човекот е заведен од таткото на лагите – ѓаволот,  дури и да се спротивстави на самиот Бог. Бог беше предаден од човекот. Созданието се побуни против Создателот. Ангелот против Бога – стана ѓавол, а човекот против Бога – грешник. На тој начин човекот стана губитник на земскиот рај и на својата среќа на Божествената сличност.

Втората мисла која е многу важна да ја научиме е фактот: како Бог го спасува човекот. Долго време низ историјата го поттикнуваше човекот преку пророците и настаните на подготовка за чинот на откупување. Последниот гласник кој што дојде да го навести Ослободителот е Иван Крстител. Тој требаше не само да предупреди туку и да посведочи за неизмерната Божја љубов а тоа е дека Словото стана тело и се всели меѓу нас. Со други зборови: Бог стана човек, второ Божјо лице. Тоа е тајна на воплотението.

Посланието на тоа воплотено Слово – Исус Христос – било упатено најнапред до Избраниот народ на Израел. Но, кај своите дојде а неговите не го примија. Тоа што ние денес славиме е РОДЕНДЕН НА НОВИОТ ИЗРАЕЛ, роденден на новиот човек. Како? Прв Збор кој треба добро да го разбереме е: „а тие кои го примија им даде моќ да станат деца Божји“. Значи, многу важен израз е ПРИМИ. Ние сме повикани со вера, вера која доаѓа од внатре која е Божји дар и преку која го примаме Исус Христос и веруваме дека е Божји Син. Но верата сеуште не е средба. Верата е пат до средбата. Средбата се случува тогаш кога од тој пат ќе се отстрани сето тоа што не попречува и ја прави невозможна – вистинската средба со Господа, а тоа е гревот. Ангелот не можеше да се поврати, но човекот е повикан на обраќање зашто Христос го презеде гревот на светот. Со овој чин, Воскресението кое сега го славиме, Тој – Христос со смртта на смртта и зададе смртен удар, зашто моќта на смртта ја остави во власт на ѓаволот, а со Воскресението човекот го извлече од силата на смртта. Значи ли тоа дека ние нема да умреме. Да, драги верници, не погрешив, туку потполно свесно тврдам дека ние нема со смртта да умреме која не фрла во гробен прав, туку ќе бидеме повикани да од оваа тело излеземе и влеземе во блаженството, а Тој и нашето смртно тело на денот на Воскресението ќе го направи слично на неговото славно тело. Како и зошто? Според крштението не сме родени ни од крв ни од похот машка, туку од Бога сме родени. Нашето крштение е ново раѓање. На Велигден се слави нашиот роденден. Заради тоа, што сме од Бога родени, ние сме Божји и ѓаволот нема повеќе власт над нас. Денес е денот на победата, денес е денот на животот, денес е ден кога ниту во една христијанска куќа ѓаволот не би смеел да има моќ. Христијанството не е било какво определување туку стварно и ново раѓање.

Заедно со вас се прашувам: зошто денес луѓето не веруваат во тоа? Морам во овој свечен и торжествен миг и како ваш брат, и како ваш пастир, заедно болно да забележам дека сите ние на едно место сме затаиле. На почетокот од евангелието според Лука го спомнав зборот сведочење. А еве и завршетокот на Евангелието вели: Иван сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Овој е за Кого реков: Кој иде по мене, ме испревари, оти постоеше порано од мене!“ Навистина, „од Неговата полнота ние сите примивме благодат брз благодат“. Предраги, не можеме и не смееме да славиме Велигден ако не сме способни, свесни и волни да сведочиме дека според сакраментите навистина од Неговата полнота примивме и тоа благодат врз благодат. Најголема опасност за христијанството денес вели св. Отец Фрањо е: да се биде како сите останати. Христијанинот не може да биде како сите останати бидејќи се движи, живее и сведочи на светот за благодатта, односно заедништво со Исус Христос кој има сега твое и мое лице. Кој говори сега со твојот и мој јазик и кој се препознава во твојот и мој живот. Браќа и сестри тоа е темелно прашање за Велигден: дали Велигден се случи во нас? Ако смеам нешто да ви посакам тогаш ви посакувам само едно да Христовото Воскресение вистински се случи во вас и меѓу сите нас. Светот да поверува дека сме родени од Бога, што значи, Божји деца, а ако сме Божји деца, тогаш сме и браќа и сестри во Христа Воскреснатиот. Нека живее во нас Воскреснатиот Христос победник и наш брат. Нека и денес при вашата семејна трпеза биде присутен Тој, Христос Воскреснатиот. Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

Категорија: Македонија

За авторот