Ватикан објави подготвителен документ за октомвриската средба посветена на Amoris Laetitia
Ватикан го објави подготвителниот документ за средбата посветена на Amoris Laetitia, која ќе се одржи во октомври 2026 година, по повод десетгодишнината од објавувањето на постсинодалниот апостолски поттик за семејството на покојниот папа Фрањо.
Дикастеријата за лаици, семејство и живот и Генералниот секретаријат на Синодата ја објавија Тематската рамка, подготвителниот документ што ќе ја води средбата свикана од папата Лав XIV. Таа ќе се одржи во Ватикан од 7 до 14 октомври 2026 година, со учество на поглаварите на Источните католички цркви и претседателите на епископските конференции.
Документот е испратен до поглаварите на Источните католички цркви sui iuris и до претседателите на епископските конференции, а сега е и јавно објавен.
Тематската рамка има за цел да ја подготви и придружува работата на средбата што папата Лав XIV ќе ја одржи со нив во Ватикан.
Средбата првпат ја најави Светиот Отец во својата порака од 19 март 2026 година, по повод десетгодишнината од постсинодалниот апостолски поттик Amoris Laetitia.
Потврдувајќи ги големите промени што и понатаму влијаат врз семејствата, Папата ја изрази својата желба да продолжи синодалното размислување, во меѓусебно слушање, за чекорите што треба да се преземат за денес да се навестува Евангелието на семејствата, во светлината на Amoris Laetitia и земајќи го предвид она што веќе се прави во локалните Цркви.
На крајот од неодамнешниот вонреден Конзисториум, одржан на 27 јуни, папата Лав XIV повторно се осврна на темата за семејството.
„Каде што семејството е поддржано и придружено, таму расте училиште на односи, солидарност и надеж. Каде што е рането или изолирано, последиците ги чувствува целото општество“, рече Папата.
Во истата пригода, тој најави дека на средбата ќе учествуваат и неколку семејства, кои ќе го споделат своето животно искуство.
Во Рим, епископите од целиот свет ќе бидат поканети да размислуваат за темите предложени во Тематската рамка и внимателно да се слушаат едни со други. Целта е, по враќањето во своите локални Цркви, заедно со семејствата да ја обноват заедничката пасторална посветеност во поддршка на семејството, човечкиот живот и брачниот повик.
Деновите на средбата треба да овозможат вистински простор за средба, слушање и расудување. Ќе се даде место на животното искуство на семејствата, на споделување конкретни животни приказни, на размислување за пасторалните иницијативи преку кои црковната заедница ги придружува семејствата, како и на дијалог со експерти.
Поради тоа, епископските конференции и Источните католички цркви се поканети во месеците пред средбата да размислуваат за предложените теми, со посебен акцент на слушањето на семејствата во нивните локални Цркви.
Станува збор за големо пасторално патување, кое ги става семејствата во средиштето, не само како приматели на пасторалната грижа на Црквата, туку и како активни субјекти на нејзината мисија. Преку нив Евангелието добива конкретен облик во секојдневните односи, избори, борби и надежи.
Иако средбата не е Собрание на Епископската Синода, таа ќе се одржи во синодален стил. Како што посочи папата Лав XIV на крајот од Конзисториумот, на тој начин се спроведува Синодата, обележана со слушање, молитва и расудување.
Предложени се пет тематски области за размислување, и во подготовката за средбата и за време на нејзиното одржување.
Семејствата денес
Реалност, убавина и предизвици. Разбирање на знаците на времето преку искуството на семејствата и пасторалната ангажираност на Црквата денес.
Младите и откривањето на брачниот повик
Слушање на младите и нивно придружување во откривањето на вредноста на бракот.
Брачниот живот
Првите години од бракот како одлучувачко време. Слушање и придружување на брачните двојки во првите години од брачниот живот и во секоја фаза од животот.
Во животните тешкотии
Придружување и поддршка. Одење заедно со семејствата во сложени ситуации.
Христијанските семејства како субјекти на мисијата на Црквата
Прифаќање на брачната и семејната љубов како поттик за мисија.
Ватикан њуз/к.мк

