Бог го создаде човекот и го создаде бракот – и во оваа област треба да се следат “упатствата на производителот.” Ве повикуваме винамтелно да ги проследиме размислувањата за бракот, врз основа на Светото Писмо.
Создавање на човекот
За создавањето на светот и создавањето на човекот Библијата ни кажува во првите две страници, во првите два дела на својата прва книга, книгата Битие. Описот на создавање ја прикажува природата на бракот, како што Бог го создал. Зошто е ова важно? Секоја споредба е недоволна, и ова особено се однесува кога се зборува за Бога, но едноставна споредба секако дека може да ни помогне.
Кога ќе купиме дома кујнски апарат или парче облека, ги добиваме и инструкциите од производителот, како тие треба да се користат. Ние не може да кажеме: “Овој фустан е мој и јас може со него да правам што сакам!” Ако тој фустан го периме на температура поголема од онаа што ја пишува во упатството на производителот – фустанот ќе го оштетиме или дури и уништиме. Бог го создал човекот и го создаде бракот – и во оваа област треба да се следат “упатствата на производителот.”
„Според ликот Божји”
Веќе во првиот опис на создавањето Библијата вели дека Бог го создал човекот “според образот Божји.” Овој факт е особено нагласен, бидејќи овој термин во две реченици се повторува четири пати (Битие 1.26-27). Што значи тоа? Човекот сигурно не е Бог, тој е само суштество. Во што е тогаш сличен на Бог? Човекот е бесмртен, тој нема минливо траење како сите други суштества, за кои се зборува во описот на создавањето. Тој е “жива душа” (Битие 2,8). Неговиот живот има почеток, но нема крај, тој не престанува со смртта.
Исто така, за разлика од другите суштества за кои се зборува во описот на создавањето, човекот има интелект и слободна волја. Затоа, тој е човек. Затоа што е човек, тој може да влезе во личен однос со другите луѓе. Во контекст на нашата тема, може да влезе во личен однос со друго лице во брак, во најблизок личен однос, како што ќе видиме подоцна. Тој може да стапи и во личен однос со Бог, кој е, исто така, една личност.
„Машко и женско ги создаде”
Првиот опис на создавањето во Библијата вели дека Бог го создал човекот: “машко и женско ги создаде” (Битие 1:27). Разликата меѓу половите е природна и важна за човекот. Многу погрешно мислат дека ако мажот и женат се различни, тоа значи дека некој е помалку, а некој повеќе достоен. Библијата јасно учи дека мажите и жените се еднакво валидни по својата природа и во очите на Бога. Подеднакво важни, но не исти!
Во вториот опис на создавањето во Библијата, опишувајќи го создавањето на жената, се вели: “Не е добро за човекот да биде сам; Јас ќе му создадам помошник, сличен на него!” (Битие 2:18) Библискиот опис вели,дека помошничката не може да биде битие, а да не е личност. А уште помалку тоа може да бидат предмети. Потребно е некое друго човечко суштество, друго лице. Затоа што мажот и жената се различни, тие може и мора да се надополнуваат.
„Тие ќе бидат едно тело”
Библијата веќе во описот на создавањето нагласува дека Бог го создал светот, така што брачната врска ќе биде посилна од било која друга врска меѓу луѓето: “Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.” (Матеј 19, 5) Така, врската меѓу мажот и жената е посилна и од најблиските крвни врски, врската меѓу родителите и децата.
Зборовите “едно тело” јасно нѐ асоцираат на брачно соединување меѓу мажот и жената, но укажуваат и на трајноста на нивната врска. Дозволете ни да споменеме дека сексуалниот чин во Католичката терминологија се нарекува “брачен чин”. Ќе праша некој зошто брачен чин, кога тој чин може да се прави и се прави вон брак. Тука се враќаме на споредбата на упатствата на производителот, кој ги споменавме на почетокот. Сексуалниот чин бил создаден од Бога да се прави само во брак. И стол се нарекува стол, иако со него може да се прават други работи, а не само да седи на него: може да се скршат прозорците, дури и да се скршат глави … Сепак, столот се нарекува стол, бидејќи производителот го произвел на него да се седи.
Прва заповед
Која е првата заповед во Библијата? Поголемиот дел од луѓето нема да знаат да одговорат на ова прашање. Веќе на првата страница на Светото Писмо, во првиот опис на создавањето, пишува: “Бог ги благослови и им рече: “Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата и потчинете ја!” (Битие 1:28) Тука не го гледаме само првиот благослов на бракот, но, исто така, и заповед на плодна брачната љубов.
Библијата на многу места истакнува дека децата се Божји дар и благослов, бројно потомство е посебен благослов од Бога. Црквата отсекогаш ја истакнува важноста на отвореноста кон плодноста на брачниот пар. Стариот Завет опишува како Бог го казнува Онан со смрт, кој од себични причини избегнувал да има деца со Тамара (Битие 38, 9-10).
Една од Десетте заповеди
Десетте заповеди, чија трајна вредност Исус експлицитно ја потврди, постојат во две книги од Стариот Завет, во Исход и Повторени закони. Една од нив во својата оригинална формулација е: “Не прави прељуба” (Исход 20,14 и Повторени закони 5,18)
Законот на Стариот Завет пропишал смртна казна за прељуба: “Ако човек изврши прељуба со жената на својот ближен ќе биде казнет со смрт – прељубникот и прељубницата.” (Левит 20:10) Осуда за прељуба се наоѓа во многу текстови од Стариот Завет. Прељубата се осудува како голем грев и како неразумна постапка: “Неразумен е, тогаш, кој се впушта со прељубница; неговата душа ја губи тој кој го прави тоа. ” (Изр 6,32) Впрочем, секој грев е неразумна постапка.
Споредба на прељуба со отпад од Бог
На многу места во многу книги на Стариот Завет, прељубата се споредува со отпад од Бога, предавство на Бога. Ние ќе наведеме, како пример, само две такви места. “Откако умре Гедеон, Израилевите синови пак почнаа да одат блудно по Вааловци и го поставија за свој бог Ваалверита.”. (Судии 8:33) “Но кога згрешија против Бога на татковците свои и почнаа да одат блудно по боговите на народите во таа земја, кои Бог ги беше изгонил од пред лицето нивно…” (1. Летописи 5:25).
Најостриот пример ни го носи во својата книга, пророкот Осија. Од многуте пророците Бог барал да проповедаат за Божјата волја не само со зборови, туку, и со одредени постапки. Осија, Господ му рече: “Оди и земи жена блудница, па роди деца во блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господа.” (Осија 1,2) Подоцна, побара од него да истрае во верноста кон жената, која не му беше верна: “Тогаш Господ му рече:” Оди и засакај ја жената, која ги сака злото и прељубата, како што Господ ги сака синовите Израилеви, а тие гледаат по туѓи богови и ги сакаат нивните питки од грозје.” (Осија 3,1) Спротивно на неверството на својот избран народ, Бог истрајува во неговата верност и покрај сè.
Од стариот во новиот завет
Настанот за создавањето ни кажува за тоа како Бог го создал човекот и бракот, и што се тие по својата сопствена природа. Овие вистини имаат трајна вредност. Меѓутоа, по гревот на Адам и Ева, луѓето станаа сѐ повеќе склони кон грев, веќе во своето зачнување наследуваат источен грев. Во историјата на спасението Бог постепено ги подучува и ги подига луѓето во еден подолг период, од околу две илјади години, од Авраама до времето на Исус.
Затоа, во Стариот Завет, постојат многу работи кои имале само привремено важност. Сепак, постојат вистини и прописи кои се неминливи. Исус, а подоцна и Црквата, укажа на разликата меѓу едното и другото. Ние, во овој краток преглед, ставивме акцент на она што во Стариот Завет е трајно и неминливо.
д – р.сц. Иван Зелиќ/Жена врсна/Превод: Кате Меновска