Божјите отпечатоци: Тројството е насекаде

Божјите отпечатоци: Тројството е насекаде

Бидејќи просторот е тројство, времето е тројство, а доброто, вистинитото и убавото исто така сочинуваат тројство, гледаме дека Божјото создание е неизбришливо обележано со Неговите троични отпечатоци.

Додека христијаните низ целиот свет го слават празникот на Пресветата Троица, многумина можеби нема да забележат дека и самата земја по која чекорат е, на таинствен начин, троична, како и времето во кое живеат и се движат. Самото ткиво на физичкиот свет се состои од две тројства: тројството на просторот и тројството на времето.

Целината на просторот се состои од три неразделни и суштински поврзани димензии: должина, ширина и длабочина. И целината на времето се состои од три неразделни димензии: минато, сегашност и иднина. Овие тројства се таинствени, како што е таинствена и Пресветата Троица, бидејќи единството не може да се одвои од троичноста.

За христијаните, кои Го исповедаат Троичниот Бог и веруваат, заедно со Џерард Менли Хопкинс, дека светот е исполнет со Неговата величина, не е изненадувачки што физичкото ткиво на космосот носи траги од Неговиот троичен лик. Тројството на просторот и тројството на времето можеме да ги гледаме како Божји отпечатоци врз Неговото дело.

Ова тројство во физичкиот свет сигурно треба да нè поттикне на размислување. Но истото важи и за тројството во метафизиката, кое сè е осветлено со присуството на Троичниот Бог.

Патот, вистината и животот

Трансценденталната, односно метафизичката димензија на реалноста, Платон и големите христијански философи ја опишале како единство на доброто, вистинитото и убавото. Така тројството стои во срцето и на физиката и на метафизиката.

Можеби Христос, во некаква мистична смисла, се осврнува токму на ова трансцендентално тројство кога ни вели дека Тој е Патот, Вистината и Животот. Доброто може да се гледа како „пат“ на доблеста, односно љубовта (caritas); вистинитото како „вистина“ на правилниот разум, кој води кон вистинско знаење (scientia); а убавото како „живот“ на создавањето или творештвото (poiesis).

Ако е така, тогаш можеме да видиме како Христос е исполнување на трансценденталниот разум на Грците, како што е и исполнување на заветната вера на Евреите. Тој е единство и воплотување на верата и разумот, но и единство и воплотување на трансценденталното тројство на доброто, вистинитото и убавото.

Восхитувачки е да се види дека Троичниот Бог го создал космосот според Својот лик, вткајувајќи го Тројството, односно Себеси, во прекрасното ткаење на физиката и метафизиката. Уште поубаво е тоа што славното тројство на доброто, вистинитото и убавото содржи во себе уште три тројства: доброто е тројство, вистинитото е тројство, и убавото е тројство. Трансценденталиите се, всушност, прекрасно тројство од тројства.

Да го разгледаме ова тројство од тројства малку подетално.

Доброто, вистинитото и убавото

Бидејќи доброто е тесно поврзано со љубовта, тоа секогаш подразбира саможртвување за саканиот. Како таква, љубовта секогаш има троична динамика: оној што љуби, оној што е љубен и љубовта што љубителот му ја дарува на љубениот. Љубовта, односно доброто, е тројство.

Бидејќи вистинитото е вистина на правилниот разум што води кон вистинско знаење, тоа секогаш подразбира жртвено соочување со „другото“ надвор од нас, односно потчинување на објективните факти што ги восприемаме преку сетилата, материјалот од кој нашиот разум се обидува да извлече смисла. Затоа вистината секогаш има троична динамика: оној што познава, она што се познава и знаењето што познатото му го дава на оној што познава. Разумот, односно вистинитото, е тројство.

Бидејќи убавото е „живот“ на создавањето или творештвото, тоа секогаш подразбира отворање заАлетеја/к.мк убавината што ја гледаме во Божјото создание. Токму таа убавина ја бараме и ја откриваме и во нашите сопствени творечки дела, преку кои создаваме нешта од веќе постоечки нешта.

Убавото секогаш има троична динамика: набљудувачот, она што се гледа и дарот на хармонијата што виденото му го дава на набљудувачот. Треба да се нагласи дека убавината не е само „во окото на набљудувачот“, кое може да биде слепо, туку во вродената и објективна убавина на она што се гледа. Нешто убаво не станува грдо затоа што ние не успеваме да ја видиме неговата убавина.

На подлабоко ниво, убавото е плод на соединувањето меѓу Вдахновителот и вдахновениот, меѓу Музата и уметникот. Во таа смисла, Давателот на дарот на творештвото може да се гледа како Младоженец, уметникот што го прима дарот на вдохновението како Невеста, а убавото уметничко дело како Дете на тоа духовно соединување. Затоа и убавото е тројство.

Бидејќи просторот е тројство, времето е тројство, а доброто, вистинитото и убавото се тројство, гледаме дека Божјото создание е неизбришливо обележано со Неговите троични отпечатоци.

Да го прославиме празникот на Пресветата Троица. Да ги воздигнеме нашите срца во слава на Бога Добриот, Бога Вистинитиот и Бога Прекрасниот, Отецот, Синот и Светиот Дух.

Deo gratias!

Алатеја/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот