На 22. декември 2016 година во катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржи божиќна духовна обнова за свештеници и монахињи од Скопската парохија. На средбата присуствуваше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов заедно со свештеници од парохиите во Скопје и Куманово, сестрите Евхаристинки, Мисионерките на Љубовта, сестрите од Дружбата Ќерки на Божјата љубов и женскиот фоколар на Делото Мариино.
Настанот започна со служба на Словото, предводена од скопскиот парох и декан дон Давор Топиќ, составена од библиски читања и песни. Потоа на присутните им се обрати Долорес Полето од Делото Мариино со медитација на тема „Молитва“. Таа истакна дека тоа ќе биде главната тема во нова пасторална година, бидејќи бискупот Стојанов ја прогласи за „Годината на молитва“ за Црквата во Македонија. Потоа се запраша што значи молитва и ги повика слушателите секој за себе да размисли како може да ја дефинира молитвата. Сите имаме искуство на молитва, но тешко е тоа да се искаже со зборови. Всушност молитва е првенствено однос со Господ кој го слуша твоето срце и ти кажува дека те љуби. Потоа и ти сакаш да му одговориш и се обидуваш да му се обратиш на својот Отец. Затоа молитвата може да се изрази не само со зборови, туку и преку дела, а особено преку целосна преданост на Господа.
Средбата продолжи со обожавање на светата Причест и можност за светата исповед. После благословот следуваше заедништво во парохиската сала
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк