Близнаци креираа онлајн-платформа за да им дадат глас на источните христијани

Близнаци креираа онлајн-платформа за да им дадат глас на источните христијани

Дигиталните мисионери Шарбел и Џовани ги користат социјалните медиуми за да ја споделат културата и традициите на христијаните од Блискиот Исток, во услови на прогон.

Меѓу илјадниците млади луѓе кои оваа недела пристигнаа од сите краишта на светот за да учествуваат на Јубилејот на дигиталните мисионери и Јубилејот на младите, меѓу католичките инфлуенсери, се наоѓаат и браќата близнаци од Либан – Шарбел и Џовани Лтеиф.

Со повеќе од 600.000 следбеници на нивниот Инстаграм-профил „eastern_christians“, браќата ја посветија својата страница на споделување содржини за христијаните кои живеат на Блискиот Исток и во Северна Африка.

Тие не се гледаат себеси како инфлуенсери, туку нивната работа ја опишуваат како продолжување на мисија што започнала пред векови.

Продолжување на мисија стара 2.000 години

Во разговор со Џозеф Тулох од Vatican News, Џовани објасни дека нивната мисија започнала пред два милениума со Исус Христос. „Ја продолжуваме затоа што секоја генерација има одговорност да ја преземе, да ја зајакне и да ја пренесе“, рече тој, нагласувајќи дека „време е нашата генерација да даде придонес за нашата вера и заедница“.

„Кога ќе се родиш како христијанин на Блискиот Исток“, додаде Шарбел, „се раѓаш со мисија.“ Тој истакна дека нивната култура, идентитет и традиција се пренесуваат низ генерациите уште од времето на раната Црква, и дека тие чувствуваат обврска да го чуваат „овој прекрасен дар“.

Двајцата сведочат дека нивната мисија не е ограничена на Блискиот Исток, туку се протега сè до краиштата на светот – а социјалните медиуми го овозможуваат тоа.

Ние сме повеќе

Во време на „ТикТок“, видеа и лајкови, Шарбел и Џовани нагласуваат дека нивниот профил „eastern_christians“ не е само уште една страница на социјалните мрежи. „Тоа е најдобриот начин да се прошири Словото, да се стигне до луѓето и да се поттикне свесност“, објасни Џовани.

Нивната намера не била само да придонесат со уште еден извор на информации во свет исполнет со вести и податоци. Како што рече Шарбел, ова било можност да се промени наративот – од говор за тоа што се случува со источните христијани, кон сведоштво за тоа кои се тие.

„Ние сме повеќе од она што ни се случува. Ние сме уметност. Ние сме музика. Ние сме вера. Ние сме истрајност“, подвлече тој. Преку своите објави, браќата успеваат да „создадат глас за нашиот народ“ во време на современи прогони и предизвици.

Како никогаш досега

Со децении, животот на христијаните на Блискиот Исток е исполнет со страдање. Според една неодамнешна студија, во изминатиот век процентот на христијани во регионот се намалил од 13,6% на 4,2%. „Ова се случува за првпат во нашата историја, и тоа додека сме живи“, рече Шарбел, истакнувајќи дека иако имало и други периоди на прогон, денешниот е без преседан.

Решението, додаде тој, не е заминување од татковината. „Ние не сакаме да се откажеме од она за кое се бориме две илјади години. Тоа е нашиот идентитет; тоа е нашиот дом… Ова не е решение за нас.“ Шарбел појасни дека вистинското решение е да живеат среќно на Блискиот Исток, со достоинство.

Достигнување преку социјалните медиуми

Достигнувањето од 800.000 следбеници на сите платформи на социјалните медиуми браќата го припишуваат на молитвата и на делувањето на Светиот Дух. Тоа им овозможува да направат нешто значајно за својата заедница, за Црквата и за христијаните насекаде.

Нивното присуство во Рим по повод Јубилејот на дигиталните мисионери и католичките инфлуенсери е од особено значење. „Мислам дека Ватикан сака да испрати порака до светот за тоа колку е важно ние, како католици и христијани, да бидеме присутни на социјалните медиуми“, рече Шарбел.

„Социјалните медиуми се многу силно средство“, додаде Џовани, подвлекувајќи дека тие носат голема одговорност во нивната дигитална мисионерска служба. „Она што нè крепи и нè држи цврсто во тоа што го правиме се нашите христијански вредности. Кога се држите до вашите христијански вредности, нема место за страв.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот