Надежта, срцето на јубилејот, станува и мотото кое го одбра Папата за 5. Светски ден на бабите и дедовците и постарите лица, кој ќе се одбележи на 27 јули. Стиховите од Книгата Сирах (сп.14,2) ја покажуваат надежта во Господа како пат за христијанска и помирена старост.
„Блажен е оној кој не ја изгубил надежта“. Ова е темата што Папата ја избра за 5. Светски ден на бабите и дедовците и постарите лица, кој годинава ќе се одбележи во недела на 27 јули. Ова беше објавено во соопштението за медиумите од Дикастеријата за мирјани, семејство и живот. „Зборовите земени од книгата Сирах го изразуваат блаженството на постарите и го покажуваат, во надежта што му е доверена на Господа, патот за христијанска и помирена старост. Во јубилејот на надежта, Светскиот ден на бабите и дедовците и постарите лица, воспоставен од папата Фрањо во 2021 година, има за цел да биде можност да се размислува за тоа како присуството на бабите и дедовците и постарите лица може да стане знак на надеж во секое семејство и црковна заедница.
Одбележувањето на Денот на бабите и дедовците и старите лица ќе следува по јубилејот на семејствата и децата,, планирани од 30 мај до 1 јуни. Минатата година, во пораката која папата Фрањо ја напиша за 4. Светски ден на бабите и дедовците и постарите лица на тема „Не ме оставај во староста“, Папата го осуди ширењето на индивидуалистичкиот менталитет во кој постарите често се доживуваат како оптоварување и прекумерни трошоци за општеството, па тој го охрабри надминувањето на овој поглед, повикувајќи да се работи кон поинаква иднина во име на меѓугенерациското единство.
Дикастеријата за мирјани, семејство и живот ја обновува до сите поканата на Папата Фрањо овој ден да се прослави во секоја епархија и светите Литургии во недела на 27 јули да бидат посветени на старите лица, охрабрувајќи да се организираат за меѓугенерациски средби.
Ватикан њуз/к.мк