Благодараствена света Литургија по повод втората годишнина од посетата на папа Фрањо на Македонија
По повод втората годишнината од Апостолската посета на Светиот Отец папата Фрањо на Македонија на 7 мај 2021 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх служеше благодарствена света. Литургија, во сослужение на катедралниот парох дон Паво Шеќерија, канцеларот на Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија о. Марјан Ристов и дон Томаш Бак, парох во Куманово.
На почетокот бискупот Стојанов ги пренесе и поздравите на Н.В.П. монс. Анселмо Гуидо Пекорари, Апостолски нунциј во Македонија.
Во својата хомилија монс. Стојанов се осврна на некои од пораките што Светиот Отец папа Фрањо за неговиот еднодневен престој во Скопје на 7 мај 2019 год. ги упати до Божјиот народ и граѓаните на Македонија.
Драги браќа и сестри, на денешен ден пред две години Светиот Отец папа ја посети Македонија која ја нарече мост помеѓу Истокот и Западот и место каде се слеваат бројни култури. Светиот Отец се осврна на богатата историја и присутноста на христијанството што на овие простори достигнува од апостолските времиња. Истакна дека оваа големо културно богатство на Македонија е нашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на нашиот народ, плод на богатата историја, а зашто да не и на заплетените и комплексните односи низ минатите векови. Осврнувајќи се на верското и етничко богатство на Македонија, Папата напомена дека различноста создаде еден мозаик во кој секое каменче е потребно за оригиналност и убавина на целиот мозаик, на целата слика. Исто така Папата се осврна и на великодушното завземање на Македонија во прифаќањето и пружењето помош на големиот број мигранти и бегалци од Блискиот Исток.
На Плоштадот Македонија во Скопје пред околу 15.000 македонски католици и поклоници од соседните земји, како и припадници на другите верски заедници. Светиот Отец Папа во својата проповед истакна дека Исус како „леб на животот“ бара вистинска глад и жед на човекот.
На екуменската и меѓурелигиска средба Светиот Отец младите ги поттикна да сонуваат големи сонови, да знаат да се слушаат едни со други и да го искористат времето за средба лице во лице, пред сѐ со своите дедовци и баби, односно да не ги забораваат своите корени.
На средбата со свештениците, чесните сестри и нивните семејства, како и со останатите лица на Бога посветени Светиот Отец потсети на прекрасната слика на Црквата, како што ја замислувал свето Иван Павле II., да дише на двете белодробни крила, односно Источно и Западно, латински и византиски обред што се многу потребни за уживање и меѓусебно делење на Господовата убавина меѓу луѓето. Не би сакал да го злоупотребам нејзиниот лик, но оваа земја знаеше да му поклони на светот и на Црквата, во Мајка Тереза, токму еден конкретен знак како несигурноста на една личност, миропомазана од Господ, беше во можност да впие сѐ кога мирисот на блаженствата се рашири над уморните нозе на нашето човештво. Колкумина беа смирени од нежноста на нејзиниот поглед, утешени од нејзината милост, ослободени од нејзината надеж и нахранети од храброста на нејзината вера способна да даде чувство на најзаборавените дека не се заборавени од Бога! Историјата ја пишуваат оние личности кои немаат страв својот живот да го потрошат за љубовта: „секој пат кога ќе го направите тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25,40).
На крајот Светиот Отец ги повика семејствата да бидат: „икона на семејството од Назарет со сето нејзино секојдневие составено од замор па дури и кошмари, како кога мораше да страда од неразбирливите насилства на Ирод, искуства кои трагично се повторуваат уште и денес на толку семејства на бегалци, бедни и изгладнети. Семејствата се способни преку верата која ја имаат акумулирано во секојдневанта борба, да „претворат пештера на животни во дом на Исус“, истакна Светиот Отец Папа.
Денес му благодариме на Бога за тој историски настан и дар на Петровиот наследник и Христовиот намесник – Римскиот бискуп кој, како и свети апостол Павле, после две илјади години зачекори по оваа наша напатена земја да ја благослови, уцврсти и освежи во верата и ја поттикне и натаму да го сведочи христијанството и верата во Христос Распнатиот и Воскреснатиот, рече бискуп Стојанов.
к.мк