Бискуп Киро Стојанов упати сочувство по повод упокојувањето на сестра Агнела

Бискуп Киро Стојанов упати сочувство по повод упокојувањето на сестра Агнела

По повод упокојувањето на сестра Агнела, милосрдна сестра од Светиот Крст, Н.В.П. монсињор Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, упати сочувство до монашката заедница Милосрдни сестри од Светиот Крст, како и до членовите на нејзиното семејство, роднините и блиските.

Во својата порака, бискупот Стојанов изразува тага поради заминувањето на сестра Агнела, истовремено нагласувајќи ја христијанската надеж во воскресението. „Ожалостени од веста за упокојувањето на сестра Агнела, а поткрепени со христијанската надеж, во мое име и во име на целата Католичка црква во Македонија, го изразувам нашето искрено сочувство до Вашата монашка заедница, како и до членовите на нејзиното семејство, роднините и блиските“, стои во пораката со соувство.

Бискупот се осврнува и на нејзиното долгогодишно служење, потсетувајќи со благодарност за нејзината верна и пожртвувана служба во Црквата во Македонија. Животот на сестра Агнела, како што се наведува, бил обележан со верност кон Црквата и со јасно сведоштво за радоста со која го живеела својот монашки повик.

Во пораката на сочувство, бискупот Стојанов ја истакнува и утехата што ја дава Светото Писмо, повикувајќи се на зборовите на свети апостол Павле: „Да не тажите како и другите, што немаат надеж. Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус ќе ги доведе со Него“ (1 Солуњаните 4,13–14).

На крајот, Скопскиот бискуп уверува во своите лични молитви, како и во молитвите на целата Католичка црква во Македонија, молејќи го милосрдниот Бог да ѝ дарува на сестра Агнела вечен покој, а на сестрите од заедницата и на нејзиното семејство утеха, мир и надеж во воскресението.

„Вечен покој дади ѝ, Господи, и вечна светлина нека ѝ свети. Нека почива во мир“, стои на крајот во пораката.

Сестра Агнела долги години служеше во Ординаријат и беше грижлива и посветана во исполнувањето на својата мисија во Македонија. Почина во Ѓаково, на 4 февруари 2026 година во 22:00 часот, окрепена со Светите Тајни, на 94-годишна возраст и 67. години од своите монашки завети.

к.мк

Почина сестра Агнела, (Емилија Спајиќ)

Категорија: Вести, Македонија

За авторот