Бискупот Стојанов служеше свечена Миса во Битола

Бискупот Стојанов служеше свечена Миса во Битола

На 26 декември 2016 на празникот на свети првомаченик Стефан во парохиската црква „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, служеше свечена божиќна Миса.

На почетокот од светата Литургија, бискупот Стојанов изрази радост и задоволство што се наоѓа меѓу верниците од Битола. Во својата хомилија бискупот Стојанов зборуваше за примерот на светиот Стефан: „Знаеше дека непријателите можат да го убијат него, но не можат да ја убијат вистината која тој ја застапува. Знаеше дека непријателството не е посилно од љубовта и неверството од верата. Затоа молеше за своите непријатели“.

Во понатамошниот дел од хомилијата, бискупот Стојанов се осврна на љубовта, како богатство и оружје на христијаните: „Сè што се случуваше со Стефан подоцна се случувало со многу христијани во долгата историја на Црквата. Во светот на насилството влегувале со љубов, простување и со вера во Бога. И додека Стефан умираше, каменуван од сите страни, воскликнува: Гледам отворено небо. Тоа е богатството и предноста, моќта и оружјето на христијаните пред секој насилник: Можеш да го уништиш мојот телесен живот, но не можеш да ја уништиш мојата вера во Христос. Не можеш да ми ја одземеш љубовта од срцето со која те љубам и помошта со која го молам Христос и на тебе да ти ја дарува како што ми ја даруваше на мене“.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот