Бискупот Стојанов служеше панахида за жртвите од Глодоморот

Бискупот Стојанов служеше панахида за жртвите од Глодоморот

Во сабота 25 ноември 2023 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Н.В.П. монс. Киро Стојанов, служеше панахида за починатите од Гладоморот во Украина, а со него сослужуваа протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј отец Марјан Ристов и патер Винко Маслаќ, катедрален парох. На панахидата присуствуваше Н.Е. Лариса Дир, амбасадорка на Украина во Македонија, голем број Украинци и сестри Евхаристинки.

Во својата проповед епископот Стојанов спомна дека со оваа панахида се врши помен на жртвите од тргагедијата Холодомор, што се случи во Украина во 1932-33 година и додаде: „На споменот на оваа трагедија го додаваме нашето човечко и христијанско сочувство на безброј луѓе кои ги загубија животите во безмилосната војна која започна минатата година, односно пред 22 месеци“ – рече бискупот Стојанов.

Како за холокаустот, така и за Глодоморот, но и за сите човечки трагедии, бискупот Стојанов рече дека кај сите нас се поставува истото прашање: Каде беше Бог? А потоа додаде: Тоа е тајна. Божјата промисла господари со сè што се случува на оваа земја. Меѓутоа, никогаш не треба да кажеме дека човечките трагедии се дел од „Божјата волја“! Тоа не!

Епископот Стојанов рече дека Бог ни ја даде заповедта: „Не убивај“. Кога некој убива друг, секогаш постапува спротивно на волјата Божја. Откривањето на оваа мистерија лежи во слободата што Бог му ја дал на секој човек. Слободата не ни е дадена да правиме што сакаме, туку да го правиме она што е вредно, да работиме кон она што е правилно и добро – рече монс. Стојанов, истакнувајќи дека човечките престапи се непобитна злоупотреба на нашата слобода.

На крајот епископот Стојанов рече: Денеска заедно се молиме за сите жртви од Холодоморот, за нивните души, за нивното вечно спасение и за пожртвувањето на нивниот живот, кои Бог ги прифати преку страдањата на Исус.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот