Бискупот Стојанов на 25 јуни 2024 година служеше понтификална света Миса во Куманово каде свечено беше прославен патрониот празник на капелата и парохијата Свети Иван Крстител. Со Неговото Преосвештенство сослужуваа дон Томаш Бак парох и одговорен за Неокатехуменската заедница “Misssio ad Gentes” во Куманово, о. Марјан Ристов, душогрижник во Скопје, канцелар и економ и протоереј ставрофор о. Ѓорги Трајков.
Во својата пригодна проповед бискупот Стојанов го истакна животот и делото на Свети Иван Кристител, средбата со Исус уште во утробата на својата мајка, неговата скромност и понизност, пример кој што треба да го следиме сите ние.
На Светата Миса присуствуваа верниците од парохијата, семејствата од Неокатехуменскиот пат кој го предводеа и пеењето.
При оваа пригода бискупот Стојанов изрази благодарност на семејството од Хондурас кое шест години ја сведочеше својата вера во Македонија, дејствувајќи пасторално две години во Битола и четири години во Куманово. Својата мисија ќе ја продолжат во својата родна земја.
На крајот благодарност упати и дон Томаш Бак истакнувајќи ја пасторалната активност на Неокатехуменскиот пат во Куманово и Македонија во изминатиот период и активностите кои следаат.
Во пригодна атмосфера прославата продолжи со сите присутни во парохиската сала.
к.мк