Бискупот Стојанов на средба со корисниците на народната кујна на сестрите Мисионерки на љубовта
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. Киро Стојанов на 9 јуни 2021 година ја посети монашката заедница на сестрите Мисионерки на љубовта, а при таа пригода се сретна и со корисниците на народната кујна „Мајка Тереза“, за која се грижи монашката заедница на сестрите.
Бискупот Стојанов на средбата со корисниците на народната кујна се осврна за празникот на Пресветата Евхаристија и Пресветото Срце Исусово, односно каде Исус се дарува за духовна храна и питие за нас, а отварајќи го своето Срце ја излева сета своја љубов кон нас. Упати охрабрување кон присутните да останат верни на Господа Бога и да се надеваат на Него и тогаш кога нема никаква надеж, да ја препознаат Божјата љубов во секојдневното ангажирање преку служењето на сестрите и волонтерите.
Средбата ја заврши со молитва и благослов. Присутните не ја криеја својата радост и благодарност за посетата на бискупот кој редовно ги посетува и им упатува зборови на утеха и охрабрување.