Епископот Стојанов на Вечерната во Струмица ги повика верниците да се угледаат на верата и љубовта на Богородица
Во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица, четврток 27 август 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во катедралата во Струмица служеше Вечерна богослужба, во заедништво со свештеници од Епархијата. На Вечерната, покрај верниот народ, присуствуваа и сестри Евхаристинки.
Во своето обраќање до верниот народ, епископот Стојанов истакна дека Богородичните светилишта низ светот ги собираат верниците затоа што во нив ја чувствуваат близината и мајчинската љубов на Пресвета Богородица.
Осврнувајќи се на примерот на светилиштето во Ченстохова и на посебната почит што кон него ја имал свети Иван Павле II, тој ги повика верниците да ј а препознаат Марија како небесен сјај и Мајка кон која секој може да пристапи со доверба.
Меѓу другото тој ја нагласи важноста на националното македонско светилиште Паљурци, каде досега се имаат манифестирано повеќе знаци.
Епископот нагласи дека животот на Богородица бил исполнет со тешкотии, сиромаштво, страдања и крст, но нејзината вера и целосната предаденост на Бога ѝ давале сила да остане верна и во најтешките моменти, вклучително и под Крстот на својот Син.
Како тајна на нејзината духовна сила ги посочи чистотата на срцето, верата со која го прифаќала Божјото слово и љубовта со која целосно му припаѓала на Бога.
Монсињор Стојанов ги повика верниците да го подигнат погледот кон Марија прославена во небесната слава и со доверба да ѝ се приближуваат како на Мајка, барајќи ја нејзината близина, утеха и застапништво пред нејзиниот Син.
Кон крајот на Вечерната епископот Стојанов го благослови петолебието, а по завршувањето верниците беа помазани со елеј.
к.мк

