Бискупот Стојанов го воведе во служба новиот парох во Битола

Бискупот Стојанов го воведе во служба новиот парох во Битола

Во недела 17 септември 2017 година, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов ја посети парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, каде ја предводеше и светата Литургија на која го воведе во парохиската служба новоименуваниот парох дон Паво Шекерија, свештеник од Врхобосанската надбискупија. Покрај бискупот Стојанов на светата Литургија сослужуваа скопскиот парох дон Давор Топиќ и парохот во Охрид отец Оливер Тантушев.

На почетокот од Литургијата бискупот Стојанов поздравувајќи ја собраната заедница ја истакна радоста поради воведувањето во служба на новоименуваниот парох и изрази благодарност до врхобосанскиот надбискуп и митрополит, кардинал Винко Пуљиќ, кој во согласност со дон Шекерија го испрати во мисионерско делување во Скопската бискупија. Потоа дон Топиќ го прочита декретот за именување на новоименуваниот парох, накратко опишувајќи го неговиот живот и службите кои ги извршувал, а потоа следуваше чинот на воведување во парохиската служба.

Впечатлива беше сликата кога собраната парохиска заедница за време на чинот воведување во служба со аплауз го прекинуваше, како знак на голема радост што парохијата после две години доби парох. Исто така впечатлива беше радоста на сестритеУусмиленки, кои делуваат во парохијата и кои за време на овој чин коленичеа како знак на благодарност до Бог кој ги услиша нивните молитви.

Во пригодната проповед бискупот Стојанов изрази радост поради овој настан и подготвеноста и мисионерскиот дух на дон Шекерија да дојде во Македонија, зборуваше за парохиската заедница и парохиската служба, истакнувајќи ја важноста на крепоста стрпливост во животот на верниците и дека Бог не го заборава својот народ.

На крајот од литургиското славење, во име на парохиската заедница до новиот парох добредојде му искажа г-ѓа Мира, подарувајќи ми икона на Пресвета Богородица. Потоа се обрати и новиот парох со следните зборови: „Му благодарам на Бог за денешниот ден, кој ме повика и ми искажа доверба да му служам на Него во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, единствениот создател на небото и земјата. Благодарам на бискупот Киро Стојанов кој со декрет ме потврди и ми ја довери службата парох во оваа парохија и нејзините филијали и ме воведе во службата. Благодарам на сестрите Усмиленки, кои ги отворија ширум своите срца и вратите на манастирот во минатите години, служејќи му на Бог и на народот во оваа парохија. Благодарам и на вас драги верници кои со своите молитви стрпливо го чекавте денот, кога ќе дојде нов парох на неодредено време. Продолжете и понатаму да молите за својот парох и бидете верни соработниците“ – рече дон Паво.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот