Биографија на папата Лав XIV

Биографија на папата Лав XIV

Пред неговиот избор за папа Лав XIV, кардиналот Роберт Францис Превост беше префект на Дикастеријата за еписопи. Еве ја биографијата на 267. Римски епископ

Првиот Папа августинец, Лав XIV е вториот Римски папа – по папата Фрањо – од Америка. За разлика од Хорхе Марио Берголјо, 69-годишниот Роберт Францис Превост е од северниот дел на континентот, иако поминал многу години како мисионер во Перу пред да биде избран за поглавар на Августинците во два последователни мандати.

Прв папа Августинец

Новиот Римски епископ е роден на 14 септември 1955 година во Чикаго, Илиноис, од таtко Луис Мариус Превост, од француско и италијанско потекло, и мајка Милдред Мартинез, од шпанско потекло. Тој има двајца браќа, Луис Мартин и Џон Џозеф.

Детството и младоста ги поминал со своето семејство и прво студирал на Малата семинарија на Августинските отци, а потоа на Универзитетот Виланова во Пенсилванија, каде што во 1977 година се стекнал со диплома по математика, а студирал и филозофија.

На 1 септември истата година, Превост се пријавил во новицијат на монашката заедница на Свети Августин (О.С.А.) во Сент Луис, во покраината на Нашата Богородица од Добриот Совет во Чикаго, и го дал својот прв завет на 2 септември 1978 година. На 29 август 1981 година, ги дал своите вечни завети.

Идниот Папа го добил своето теолошко образование во Католичкатата теолошка унија во Чикаго. На 27-годишна возраст, бил испратен од неговите претпоставени во Рим да студира канонско право на Папскиот универзитет Свети Тома Аквински (Ангеликум).

За свештеник е ракоположен во Рим, на 19 јуни 1982 година, во августинската семинарија Света Моника од страна на надбискупот Жан Жадот, тогашен потпретседател на Секретаријатот за нехристијани, кој подоцна стана Папски совет за меѓурелигиски дијалог, а потоа и Дикастерија за меѓурелигиски дијалог.

Превост се стекнува со магистратура во 1984 година, а следната година, додека ја подготвува својата докторска теза, беше испратен во августинската мисија во Чулуканас, Пиура, Перу (1985–1986). Во 1987 година, ја одбрани докторската теза на тема „Улогата на локалниот игумен во Редот на Свети Августин“ и беше назначен за раководител за звања и раководител на мисиите на августинската покраина „Мајка на добриот совет“ во Олимпија Филдс, Илиноис (САД).

Мисија во Перу

Следната година, се приклучи на мисијата во Трухиљо, исто така во Перу, како раководител на заедничкиот проект за формација на августински кандидати од викаријатите Чулуканас, Икитос и Апуримак.

Во текот на тие единаесет години, тој служеше како игумен на заедницата (1988–1992), директор за формација (1988–1998) и духовник за новите звања (1992–1998), а во надбискупијата Трухиљо како судски викар (1989–1998) и професор по канонско право, патристика и морална теологија на Главната семинарија „Сан Карлос и Сан Марсело“. Во исто време, му беше доверена и пасторалната грижа за Богородица Мајка на Црквата, подоцна основана како парохија Света Рита (1988–1999), во сиромашно предградие на градот, и беше администратор на парохијата Богородица Монсерат од 1992 до 1999 година.

Во 1999 година, е избран за покраински приор на августинската покраина „Мајка на добриот совет“ во Чикаго, а две и пол години подоцна, редовното Генерално собрание на Редот Свети Августин го избра за генерален приор, потврдувајќи го во 2007 година за втор мандат.

Во октомври 2013 година, се враќа во својата августинска покраина во Чикаго, служејќи како раководител за образование во манастирот Свети Августин, прв советник и покраински викар – служби кои ги имаше сè додека папата Фрањо не го именува на 3 ноември 2014 година за апостолски администратор на перуанската епархија Чиклајо, воздигнувајќи го на епископско достоинство како титуларен епископ на Суфар.

Доаѓа во епархијата на 7 ноември, во присуство на апостолскиот нунциј Џејмс Патрик Грин, кој го ракоположи за епископ нешто повеќе од еден месец подоцна, на 12 декември, на празникот на Пресвета Богородица од Гвадалупе, во катедралата Света Марија.

Неговото епископско мото е „In Illo uno unum“ – зборови изговорени од Свети Августин во проповед за Псалм 126 за да објасни дека „иако ние христијаните сме многу, во единиот Христос сме едно“.

Бискуп на Чиклајо, Перу, од 2015 до 2023 година

На 26 септември 2015 година, тој беше именуван за бискуп на Чиклајо од страна на папата Фрањо. Во март 2018 година, е избран за втор потпретседател на Перуанската епископска конференција, каде што служеше и како член на Економскиот совет и претседател на Комисијата за култура и образование.

Во 2019 година, папата Фрањо го именува за член на Конгрегацијата за свештенство (13 јули 2019 година), а во 2020 година, за член на Конгрегацијата за епископи (21 ноември). Во меѓувреме, на 15 април 2020 година, е именуван и за апостолски администратор на перуанската епархија Калао.

Префект на Дикастеријата за епископи

На 30 јануари 2023 година, Папата го повика во Рим како префект на Дикастеријата за епископи и претседател на Папската комисија за Латинска Америка, именувајќи го за надбискуп.

Именуван за кардинал во 2023 година

Папата Фрањо го поставува за кардинал на конзисториумот на 30 септември истата година и му ја доделил црквата Света Моника. Тој официјално ја презел на 28 јануари 2024 година.

Како раководител на Дикастеријата, учествувал во најновите апостолски патувања на Папата и во првата и втората сесија на 16-тото редовно генерално собрание на Епископската синода за синодалност, одржано во Рим од 4 до 29 октомври 2023 година и од 2 до 27 октомври 2024 година.

Во меѓувреме, на 4 октомври 2023 година, папата Фрањо го именува за член на Дикастериите за евангелизација (Секција за прва евангелизација и нови посебни цркви), за Наука на верата, за Источните цркви, за Свештенство, за Институтите за посветен живот и Општествата на апостолскиот живот, за култура и образованието, за Законодавните текстови и за Папската комисија за државата Ватикан.

На 6 февруари оваа година, аргентинскиот Папа го унапреди во кардинал епископ, доделувајќи му ја приградската црква на Албано.

Три дена подоцна, на 9 февруари, сослужуваше на Света Литургија предводена од папата Фрањо на плоштадот Свети Петар за Јубилејот на вооружените сили, вториот голем настан од Светата година на надежта.

За време на најновото хоспитализирање на неговиот претходник во болницата „Џемели“, Превост ја предводеше со Бројаницата за здравје на папата Фрањо на плоштадот Свети Петар на 3 март.

Зборува седум јазици.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот