На молитвата „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV ги поттикна сите верници да бидат учесници во Господовата радост, дури и кога доброто што го нудиме е погрешно разбрано или отфрлено. Кога се случува нешто добро, всушност, „се пали светлина што ги води другите да учествуваат во нашата среќа“.
Постојаната насоченост кон доброто, кое „по својата природа има стремеж да се шири“, разгорува жив пламен, далеку од вештачки, кој никакво недоразбирање или отфрлање не може да го изгасне. Папата Лав XIV нè повикува да го чуваме тој пламен и да не остануваме настрана од Господовата гозба, поттикнувајќи ги верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ за молитвата „Ангел Господов“ во неделата, 11 октомври 2026, да станат „носители на животот“.
Ширењето на добрината
Свадбената гозба што царот ја приредил за својот син, во средиштето на денешното Евангелие, беше и појдовна точка за размислувањето на Папата. Бракот е посебен момент по својата природа, кој спонтано сака да биде споделен со другите преку гозба и покана многумина да учествуваат во радоста. „Bonum dicitur diffusivum sui“, односно „добрината по својата природа има стремеж да се шири“, потсети Папата на зборовите на свети Тома Аквински.
И сликата од нашата приказна, во конкретниот контекст на реалниот живот, ни зборува токму за оваа стварност. Кога ќе се случи нешто добро, се пали светлина што нè води да ги вклучиме и другите во сопствената среќа.
Радоста на свадбата
Сепак, пред толку великодушната покана, гостите се повлекле, премногу зафатени со сопствените работи, до тој степен што дури ги убиле и гласниците кои ја носеле добрата вест.
Доброто што го нудиме не е секогаш разбрано, препознаено или ценето; понекогаш, напротив, е погрешно разбрано и отфрлено. Но тоа не треба да нè обесхрабри.
Царот, всушност, не ја откажува гозбата, туку ја упатува поканата до други луѓе, за свадбената радост сепак да биде споделена и да стане дар за сите.
Да бидеме учесници
Прашањето што Папата им го постави на верниците е: „Кого го претставуваат главните ликови во оваа приказна?“ Според толкувањето на свети Јероним, царот го претставува небесниот Отец, младоженецот е Исус, а невестата е Црквата.
Меѓу главните ликови сме и ние, избрани од Господ да го споделиме својот живот со Него и заедно со Него да бидеме носители на животот. Свадбената гозба е и наша, а салата на гозбата се нашите цркви, нашите домови и местата каде што живееме, каде што секој ден Синот на Царот, Исус Христос, повторно ни ја објавува Својата љубов и го очекува нашето „да“.
Конкретна среќа
На тие места, додаде папата Лав XIV, секој човек може да го сретне Господ, облечен во белата облека на Крштението, како невеста, и украсен „со скапоценостите на добрите дела, кои нè приближуваат до Бога и едни до други“.
Радоста што ја навестуваме, затоа, не е вештачка, туку длабока, конкретна, вистинска, убава како лицата на луѓето што ги среќаваме, вистинита како работата, насмевките, солзите, ракувањата и гестовите на добрина што ги исполнуваат нашите денови. И таа е Божји дар за спасението на светот.
Ватикан њуз/к.мк

