„Денес, како и вчера, не е лесно да се разбере начинот на кој делува Исус“, потсети папата Фрањо во својот говор пред молитвата на Ангел Господов, на 25 август 2024 година, на плоштадот Свети Петар. На насобраните верници им објасни дека и ние, како апостолите, го имаме тоа искуство, но колку сме поблиску до Исус во Светите Тајни и молитвата, толку повеќе откриваме дека само во Него е вечниот живот.
„Денешното литургиско Евангелие ни зборува за познатиот одговор на свети Петар кој вели: „Исусе, Господи, кај кого да одиме? Ти имаш зборови за вечен живот“. Тоа е добар одговор“, рече Светиот Отец, посочувајќи дека Петар тоа го кажал во клучен момент, токму кога Исус рекол дека Тој е лебот што слезе од небото. „Тоа е тешко за луѓето да го разберат. И многумина, дури и учениците кои одеа по Него, Го оставија затоа што не Го разбираа. Дванаесетте, сепак, не: тие останаа, бидејќи во Него ги најдоа „зборовите на вечниот живот“.
Учениците не секогаш разбираат што вели и прави Учителот; понекогаш тие се борат да ги прифатат парадоксите на Неговата љубов, екстремните барања на Неговото милосрдие, радикалната природа на Неговиот начин на давање Себеси на сите. Не им е лесно да разберат, но се верни. Исусовите избори честопати го надминуваат вообичаениот менталитет, надвор од самите канони на институционалната вера и традиција, до точка на создавање провокативни и непријатни ситуации. Не е лесно да се следи Исус.
„Сепак“, додаде Светиот Отец, „меѓу многуте учители во тоа време, Петар и другите апостоли во Него го најдоа само одговорот на својата жед за живот, за радост, за љубов која ги оживува само благодарение на Него. Тие ја искусиле полнотата на животот што ја бараат надвор од границата на гревот, па дури и до смртта. Затоа не Го напуштаат, напротив, сите до еден, и покрај бројните падови и жалење, ќе останат со Него до крај. Папата го постави прашањето: „Дали ова важи и за нас денес?
И на нас не ни е лесно да Го следиме Господ. Не ни е лесно да го разбереме Неговиот начин на делување и создавањето на нашите критериуми, Неговите примери. Но, колку сме поблиску до Него, толку повеќе се придржуваме до Неговото Евангелие и ја примаме Неговата благодат во Светите Тајни, престојуваме во Негово друштво во молитва, Го наследуваме во понизноста и милосрдието – толку повеќе ја доживуваме убавината да го имаме како Пријател, и сфаќаме дека само Тој има зборови за вечен живот“. Но, колку Исус е присутен во мојот живот? Колку дозволувам Неговите зборови да ме допрат и да ме испровоцираат? Колку можам да кажам дека тоа се зборови на вечниот живот за мене? Нека Марија, која го прими Исуса, Словото Божјо, во своето тело, ни помогне да Го слушаме и никогаш да не Го напуштиме.
По молитвата Ангел Господов, Папата ја изрази својата солидарност со илјадниците луѓе погодени од мајмунски сипаници: „Се молам за сите заразени луѓе, особено за настраданото население на Демократска Република Конго. Ја изразувам мојата близина со локалните Цркви во земјите кои најмногу се погодени од оваа болест и ги охрабрувам владите и приватните индустрии да ги споделат достапните технологии и третмани, така што никој да не страда поради недостаток на соодветна медицинска нега“.
Обраќајќи му се, како што рече, на „саканиот народ на Никарагва“, поттикна да ја обноват својата надеж во Исус: „Запомнете дека Светиот Дух секогаш ја води историјата според божествената промисла. Нека ве заштити Пречистата Дева во моменти на искушение и нека ја чувствувате нејзината мајчинска нежност, Нека Богородица го придружува саканиот народ на Никарагва!“
Своето обраќање до присутните Папата го заврши со поздравување на Римјаните и присутните ходочесници, особено семинаристите од Северноамериканскиот колеџ и децата со моторни и когнитивни пречки кои учествуваат во Штафетата за инклузија.
Ватикан њуз/к.мк