На третата недела од Божиќниот пост, папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, на плоштадот Свети Петар поттикна да не дозволиме да нѐ расејуваат надворешните работи, туку да Го прифатиме Бог Кој нѐ повикува и кој сака да ни ја даде својата радост
Радост и сомнеж. Тие се искуства кои се дел од нашиот живот, а ја карактеризираат и третата недела од Божиќниот пост која уште ја нарекуваме „Nедела на радоста“ – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во неделата на 15 декември 2019 година на плоштадот Свети Петар, потсетувајќи на повикот на пророкот Исаија: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин!“ Тој повик во Евангелието за денешната Литургија се спротивставува на сомнежот на свети Иван Крстител – рече Папата и цитираше: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“
Таа е истата ралност која во секое време ја искушува верата – рече Светиот Отец и истакна: Nо Божјиот човек гледа понатаму од тоа, затоа што Светиот Дух му дава во своето срце да ја слушне силата на Неговите ветувања и Тој навестува спасение: „Бидете цврсти, не плашете се: Ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја: Он ќе дојде и ќе ве спаси.“ И тогаш сѐ се преобразува; пустината цвета, утеха и радоста владеат во загубените срца, тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат. Тоа е она што се остварува со Исус; слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието.
Спасението го опфаќа целиот човек и го обновува – рече папата Фрањо и истакна: Но, тоа ново раѓање, со радоста која го придружува, секогаш претпоставува умирање на самите себе и на гревот кој е во нас. Оттаму произлегува повикот на преобраќање, мора да го промениме своето сфаќање за Бог. Божиќниот пост токму на тоа нѐ поттикнува на прашањето на Иван Крстител до Исус: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Исус цел живот го чекал Месијата; неговиот стил на живот и неговото тело е обликувано од тоа очекување.
Како Иван Крстител и ние сме повикани да го препознаеме лицето кое Бог го избрал и прифатил во Исус Христос, понизно и милосрдно – рече Папата и напомена: Божиќниот пост е време на благодати кое ни кажува дека не е доволно да веруваме во Бог. Потребно е секој ден да ја чистиме својата вера. Да се подготвуваме за да прифатиме, не некој лик од бајките, туку Бог Кој нѐ предизвикува, вклучува и пред кој се наметнува избор. Детето кое лежи во јаслите го има лицето на нашите најсиромашни браќа и сестри во најголема потреба кои се привилегирани во односот на тоа таинство, затоа што мнозинството од нив често се во состојба да го препознаат Божјото присуство меѓу нас.
Нека Дева Марија ни помогне да нѐ не расејуваат надворешни работи, туку во срцето да направиме простор за Оној Кој веќе дојде и повторно сака да дојде за да ги оздрави нашите болести и да ни даде радост. По пладневната молитва Папата ги благослови статуите на Детето Исус и потсети дека од 13 до 20 септември следната година, во Будимпешта ќе се слави 52. Евхаристиски конгрес. Евхаристиските конгреси повеќе од сто години сведочат дека Евхаристијата е во центарот на животот на Црквата. Да се молиме тој евхаристиски конгрес да помогне да се обноват христијанските заедници – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк