Во обраќањето до верниците пред молитвата Ангел Господов на 3 октомври 2021 година, папата Фрањо објасни дека за да се прими Господ, потребно е да се признае сопствената маленкост и потреба од него. За Бога, кревкоста не е пречка, туку можност – охрабри Светиот Отец.
Обраќајќи се до верниците на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец, зборуваше за неделните литургиски читања при што истакна дека Исус бил огорчен. Не заради фарисеите што го оспоруваа, туку заради учениците кои, за да го заштитат, ги прекоруваа децата кои сакаа да пристапат кај него.
Повикувајќи се на Евангелието од пред две недели, Папата се сети како Исус го прегрна детето и се поистовети со најмалите.
Оние што го бараат Бог го наоѓаат во најмалите, во оние што имаат потреба – не само за материјални добра, туку за грижи и утеха, како што се болните, понижените, затворениците, доселениците. Тој е таму. Затоа Исус е огорчен, објасни Папата. Сѐ што е направено за детето, сиромашните, беспомошните, е направено и на него.
Во литургиските читања оваа недела, Исус го довршува тоа учење. Ученикот не само што треба да им служи на најмалите, туку и самиот да се признае дека е мал.
Да знаеме дека сме мали, да знаеме дека ни треба спасение, неопходно е да се прими Господ. Тоа е првиот чекор да се отвориме кон Него.
Често го забораваме тоа. Кога сме во благосотојбата имаме илузија дека сме доволни самите на себе, не ни треба Бог. Тоа е лага, бидејќи секој од нас е мал и има потреба од Бог – забележа Светиот Отец.
Да се препознае човек дека е мал е почетна точка за да станеме големи. Ако размислиме малку подобро, нашиот раст не произлегува толку многу од успехот и работите што ги имаме, туку од моментите на борба и кревкост. Кога сме во потреба тогаш созреваме. Тука ги отвораме нашите срца за Бога, за другите, за смислата на животот. Да не се обесхрабруваме кога се чувствуваме мали пред проблемот, крстот, болеста, кога сме уморни и осамени. Тогаш од нас паѓа маската на површноста и се открива нашата радикална слабост: ова е заедничка основа за сите, богатство, бидејќи оваа кревкост за Бога не е пречка, туку можност.
Токму во таа кревкост откриваме колку многу Бог се грижи за нас. Денешното евангелие зборува за Исусовата нежност кон малите. Тешкотиите и ситуациите во кои се открива нашата кревкост се привилегирани можности да ја искусиме Неговата љубов. Тој добро знае кој се моли упорно: во темни моменти или во осаменост, Божјата нежност кон нас станува, така да се каже, уште поприсутна – рече Папата.
Тоа ни дава мир, нѐ тера да растеме. Во молитвата, Господ нѐприближува до него, како татко своето детето. Така стануваме големи. Не со привидна самодоволност, туку во силата со која ја ставаме целата наша надеж во Отецот, исто како и децата, заклучи папата Фрањо во своето обраќање.
Ватикан њуз/к.мк