Ангел Господов: Научете да ги гледате и негувате делата Божји

Ангел Господов: Научете да ги гледате и негувате делата Божји

Во неделната пладневна молитва Ангел Господов, папата Фрањо поттикна „да ги обработуваме полињата на животот“ учејќи да ја гледаме и цениме убавината на она што Господ го посеал во нас, во другите и во светот, за да расте Божјата добрина за богата жетва.

По светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод 3. Светски ден на баби и дедовци и стари лица, папата Фрањо ја молеше традиционалната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар.

Во своите размислувања, се осврна на неделното евангелско читање за параболата за пченицата и каколот, оној кој посеал добро семе во својата нива, открива дека непријателот ноќе посеал какол, растение кое изгледа многу слично на пченицата, но всушност е плевел.

На тој начин Исус зборува за нашиот свет, кој всушност е како големо поле, каде што Бог сее пченица, а Злобниот какол, и затоа доброто и злото растат заедно. Папата рече дека можеби ќе бидеме во искушение да го откорнеме плевелот, но со тоа ризикуваме да искорнеме сè, дури и да ги повредиме добрите во настојувањето да создадеме совршен свет.

Воспитување на срцето

Меѓутоа има, рече Папата, уште едно поле каде што можеме и мораме да го исчистиме: тоа е полето на нашето срце, единственото на кое можеме директно да дејствуваме.

Нашето срце, исто така е обележано со пченица и какол, тоа е како, „поле на слобода“, објасни Папата: не е целосно чиста лабораторија, туку отворена и затоа е ранлив простор. За правилно да се негува, рече Папата, потребно е од една страна постојано да се грижиме за нежните ластари на добрината, а од друга да го препознаеме и искорениме плевелот во вистински момент.

Значи, да погледнеме внатре и да истражиме малку што се случува таму, што е тоа што расте во мене, што расте во мене, дали добро или лошо, истакна Светиот Отец. За ова постои добар метод, а тоа се вика испитување на совеста, односно да видам што се случило во мојот живот денес, на што наиде моето срцето и какви одлуки донесов. А тоа служи токму за да се провери, во светлината Божја, каде е плевелот и каде е доброто семе, рече Папата.

Гледајќи добро жито

Папата потоа го идентификуваше третото подрачје, нарекувајќи го „нива на соседот“. Тоа се луѓето кои секојдневно ги среќаваме и кои често ги судиме. „Колку ни е лесно да го препознаеме нивниот плевел, сакаме да фрламе стапови и камења по другите!“

Поттикнувајќи ги сите да ја видат убавината на она што Господ го посеал, пченицата осветлена од сонцето со нејзините златни класови. Да молиме за благодат да знаеме да ја видиме кај нас, но и кај другите, почнувајќи од оние што ни се блиски, истакна Светиот Отец.

Работа на себе

Затоа, денес можеме да си поставиме неколку прашања, размислувајќи за полето на светот: дали можам да го надминам искушението да ставам сè во ист кош, да ги „исчистам“ другите со моите судови? – ги праша Папата присутните верници.

Понатаму, размислувајќи за полето на срцето, Папата рече да се запрашаме дали сме искрени во барањето на плевелот во себе и решени да го фрлиме во огнот на Божјата милост? Размислувајќи за нивата на соседот, дали имаме мудрост да видиме што е добро, без да не обесхрабруваат ограничувањата и бавноста на другите – истакна Папата.

Богородица нека ни помогне трпеливо да го негуваме она што Господ го сее на полето на животот, на мојата нива, на полето на мојот ближен, на полето на сите“ – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот