На првата Недела од Адвент Папата во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов на 28 ноември 2021 година истакна дека тајната „да се биде буден“, на која Исус повикува во Евангелието на денешната литургија, е токму во молитвата.
Додека Евангелието на денешната Литургија зборува за Господовото доаѓање на крајот на времињата, за разорните настани и неволјите што ги најавува Исус, истовремено нѐ повикува да не се плашиме – затоа што Тој ќе дојде, им објасни Папата на присутните верници на плоштадот Свети Петар.
Осврнувајќи се Евангелието од денешната литургија, посебно на стихот: „А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.“ (Лука 21,28), Папата рече колку е убаво да се слуша ова Слово на охрабрување: да се исправиме и да ги подигнеме главите затоа што токму во моментите кога се чини дека сѐ е готово, Господ доаѓа да нѐ спаси; да го чекаме со радост и среде неволји, во кризите од животот и во историските драми. Но, како да ја подигнеме главата, а да не нѐ зафатат тешкотии, страдања и порази, праша Папата. Исус ни го покажува патот велејќи: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени; бидете будни во секое време и молете се“ (Лука 21,34; 36).
Да се биде буден
Светиот Отец повика да се задржиме на овој важен аспект од христијанскиот живот – „да бидеме будни“. Од зборовите на Христос гледаме како овој поим е поврзан со претпазливост – истакна Папата – внимавајте, не дозволувајте да се збуните, односно бидете будни! Да се биде буден значи да не дозволиме нашето срце да стане мрзеливо и духовниот живот да се сведе на просечност. Внимавајте, предупреди папата Фрањо, бидејќи можеме да станеме „заспани христијани“ без духовен ентузијазам, без ревност во молитвата, без ентузијазам за послание, без страст за евангелието. Ова води до „дремење“ – ги влечеме работите по инерција, паѓаме во апатија, рамнодушни кон сѐ, освен кон она што ни одговара.
Молитвата ја буди душата
Треба да бидеме внимателни, продолжи Папата, за да не ни преминат во навика и да ни станат оптоварувње, како што вели Исус, грижите од животот. Значи, денес е добар повод да се запрашаме: Што го оптоварува моето срцето? Што го оптоварува мојот дух? Што ме тера да седам на столот на мрзеливост? Кои се просечностите што ме парализираат, пороците што ме туркаат на земја и ме спречуваат да исправам глава? Кога станува збор за товарот што го носат браќата, дали сум внимателен или рамнодушен? Овие прашања се добри за нас, нагласи Папата, бидејќи помагаат да се заштити срцето од ацедија, големиот непријател на духовниот живот. Ацедија, објасни Светиот Отец, е онаа мрзеливост која предизвикува тага, го одзема задоволството од животот и желбата за дејствување. Тоа е зол дух, која ја мами душата, крадејќи ја радоста.
Тајната како да се биде буден
Папата Фрањо нагласи една „важна состојка“ – тајната да се биде буден е молитвата. Молитвата е таа што ја одржува вклучена светилката на срцето. Особено кога чувствуваме дека нашиот ентузијазам згаснува, молитвата повторно го разгорува затоа што нè враќа кај Бога, во центарот на работите. Ја буди душата од сон, и ја насочува кон она важното, кон крајот на постоењето, рече Петровиот наследник. И во деновите кога сме најзафатени, да не ја занемаруваме молитвата, рече Папата, нагласувајќи дека молитвата на срцето, кратките повици може да ни помогнат. Во Адвент, на пример, навикнете се да велите „Дојди, Господи Исусе“. Да ја повторуваме оваа молитва во текот на денот, душата ќе остане будна, рече папата Фрањо и ги повика насобраните верници трипати да повторат со него: „Дојди Господи Исусе“.
Ватикан њуз/к.мк