По светата Литургија во Сикстинската капела и крштевањето на 16 деца, Папата во обраќањето пред молитвата Ангел Господов на 9 јануари 2021 година ја продолжи мислата од хомилијата за Изралескиот народ кој доаѓа на Јордан со разоткриени нозе и души. Ако не сакаме да бидеме обземени од секојдневните тешкотии, потребна ни е молитва – тоа е начинот да му дозволиме на Бог да дејствува во нас, рече папата Фрањо.
Евангелието на неделната Литургија го покажува почетокот на Исусовата јавна служба. Како што објасни папата Фрањо во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов, по речиси триесет години поминати во повлеченост, Исус не се објавува со некое чудо, ниту пак почнува да проповеда од катедра. Оди на брегот на Јордан, застанува во редот со грешниците кои дојделе да го примат Ивановото крштевање. Осврнувајќи се на литургиската химна што ја спомна претходно во својата проповед за време на светата Литургија во Сикстинската капела, Папата спомна како Израелците дошле понизно, со разоткриени души и нозе. Исус ја дели судбината на нас грешниците, се спушта кон нас, се спушта до реката како и во ранетата историја на човештвото – нурнува во нашите води за да ги излечи и се потопува со нас. Не останува над нас, туку слегува со разоткриени души и нозе, како народот, рече Папата.
Два моменти
Светиот Отец повика да застанеме на одломката во која пишува дека Исус се молел додека го примал крштението (Лука 3,21). Во евангелијата често се споменува дека Исус поминувал многу време во молитва. Неговата молитва е дијалог, однос со Отецот. Така, во евангелскиот дел можеме да забележиме „два моменти“ од животот на Исус, забележа Светиот Отец. Од една страна се спушта кон нас во водите на Јордан; од друга го крева погледот и срцето молјќи се на Отецот.
Дозволете му на Бог да дејствува во нас
Тоа е голема порака за нас, истакна папата Фрањо. Сите сме нурнати во проблемите од животот и многу комплицирани ситуации, повикани сме да се соочиме со тешки моменти и избори кои не преплавуваат. Но, ако не сакаме да останеме скршени, треба да се издигнеме. Токму тоа го прави молитвата, нагласи Папата. Тоа не е пат на бегство, ниту магичен обред или повторување на песни начени на памет. Молитвата е начин да му дозволиме на Бог да дејствува во нас, да сфатиме што сака да ни соопшти, за да имаме сила да одиме напред дури и во најтешките ситуации.
Молитвата е клучот кои ги отвора нашите срца за Господ. Тоа е дијалог со Бога, слушање на неговото Слово, тоа е обожавање: да бидеме во тишина доверувајќи му го она што го живееме. Понекогаш тоа е и викање по Него, како Јов, а понекогаш си даваш почивка со Него. Тој е Отец, добро не разбира, никогаш не ни се лути, рече Папата.
Возљубени деца на Отецот
Молитвата го отвора небото (сп. Лука 3,21); му дава кислород на животот, здив дури и среде вознемиреноста и ни помага да ги видиме работите од поширока перспектива. Пред сè, рече Папата, ни овозможува да го имаме тоа исто искуство на Исус во Јордан: се чувствуваме како возљубени деца на Отецот. Отецот исто така и на нас ни вели, како што му вели и на Исус во евангелие: Ти си мојот возљубен Син (сп. Лука 3,22). Станавме негови деца на денот на крштевањето, што нè потопи во Христа и нè направи возљубени чеда на Отецот, рече Папата, охрабрувајќи ги присутните да не го заборават датумот на сопственото крштевањето и поттикнувајќи ги да размислуваат за сопствениот молитвен живот. Помеѓу многуте работи што ги правиме во текот денот, да не ја занемариме молитвата: да и посветиме време, да користиме стреловити повици кои можеме често да ги повторуваме, да го читаме секојдневното Евангелие, заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк