Ангел Господов: Мирот е дар и плод на заедничка посветеност

Ангел Господов: Мирот е дар и плод на заедничка посветеност

Во своето прво пладневно обраќање во 2022 година, на 1 јануари, папата Фрањо ги охрабри верниците да се ангажираат за градење на мир, молејќи се Марија, Царицата на мирот, да постигне складност во нашите срца и во целиот свет.

После денешната света Литургија на празникот Богородица, која ја служеше во базиликата Свети Петар, папата Фрањо ги поздрави поклониците собрани на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на Евангелието од Литургијата, кое зборува за чудото на јаслите, кога пастирите брзаат да го видат Детето Исус.

Замислете ја Марија која, како нежна и грижлива мајка, штотуку го положила Исус во јаслите. Во ова полагање го гледаме дарот што ни е даден: Богородица не го задржува за себе својот Син, туку ни го дава, повикувајќи нè да го погледнеме, да го прифатиме и да му се поклониме. Тоа е мајчинството на Марија: Синот кој се роди ни го дава на сите нас.

Бог е близу

Полагајќи го пред нашите очи, Марија ни дава прекрасна порака: Бог е близу, на дофат на раката – рече Папата. Тоа не доаѓа од силата на оној која сака да се плашиме од него, туку од слабоста на оној, кој бара да биде сакан. Се роди мал и сиромашен за никој повеќе да не се срами од себе: токму кога ја доживуваме нашата слабост и кревкост, можеме уште поблиску да го почувствуваме Бог, затоа што ни се претстави многу слаб и кревок. Богомладенецот е роден да не биде никој исклучен, правејќи нè сите нас браќа и сестри.

Со Својата нежност Бог ни дава храброст

Новата година започнува со Бог, кој нè охрабрува на нежност. Ни треба тоа охрабрување – истакна Папата. Сè уште живееме во неизвесни и тешки времиња поради пандемијата. Многумина се плашат од иднината и се оптоварени со социјални и лични проблеми, опасностите од еколошката криза, неправдите и економската нерамнотежи во светот. Гледајќи ја Марија, Папата ги спомна младите мајки и нивните деца кои бегаат од војна и глад или чекаат во бегалските кампови. Додека гледаме како Марија го става на располагање Исус на сите, да се потсетиме дека светот се менува и животот на сите станува подобар само ако се ставиме на располагање на другите. Ако станеме творци на братството, повторно ќе можеме да ги плетеме нишките на светот растргнат од војни и насилство – истакна Папата.

Миротдар и плод на заедничката посветеност

Потсетувајќи на денешниот Светски ден на мирот, Папата истакна дека мирот доаѓа од Бога и е плод на заедничката посветеност. Тој е дар, затоа треба да го измолиме од Исус, бидејќи не можеме да го зачуваме без негова помош. Навистина можеме да изградиме мир само ако го имаме во нашите срца, ако го добиеме од Кнезот на мирот – рече Светиот Отец и посочи дека треба да се посветиме на мирот, со конкретни гестови.

Мирот се гради со внимание кон последните, со промовирање на правдата, со храброст на простувањето што го гаси огнот на омразата. Потребен ни е и позитивен поглед – додаде Папата – во Црквата и во општеството, кое се постигнува со гледање на доброто што може да нѐ обедини, а не на злото што не разделува. Ништо не ни користи ако паднеме со духот и се жалиме; мораме да ги засукаме ракавите и да работиме за мир, молејќи се Марија, Царицата на мирот, да постигне слога за нашите срца и за целиот свет.

Мир, олицетворение на сето добро

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо на почетокот од новата година на сите им посака мир, кој е „олицетворение на секое добро“, особено на овој ден кога Црквата го слави Светскиот ден на мирот инициран од свети Павле VI во 1968 година. Осврнувајќи се на овогодинешната порака за денеска, насловена „Образование, работа и меѓугенерациски дијалог: средства за градење траен мир“, Папата истакна дека без овие три фактори нема основа за градење мир. Тој му се заблагодари на италијанскиот претседател Серџо Матарела за честитките, ветувајќи му ги своите молитви за него и италијанскиот народ, а ги поздрави и другите поклоници собрани на плоштадот Свети Петар, посебно членовите на Заедницата Свети Егидиј кои работат за мир ширум светот.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот