Христос не дојде да суди, туку да го спаси светот. Тој го прифаќа нашиот живот и не сака да нè суди или да нè подложи на осуда. Со овие зборови папата Фрањо за време на неговото пладневно обраќање во четвртата недела од Великиот пост, во недела 10 март 2024 година го објасни Евангелието наменето за неделната Литургија. Затоа, не смееме да ги судиме другите, осудуваме, озборуваме. Го пренесуваме говорот на Папата во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во оваа четврта недела од Великиот пост, Евангелието ни го претставува ликот на Никодим (сп. Иван 3,14-21), фарисеј, „угледен Јудеец“ (Иван 3,1). Ги виде знаците што ги направи Исус, го препозна како Учител испратен од Бога и отиде да го сретне ноќно време, за да не го видат другите. Господ го прима, разговара со него и му открива дека не дошол да го суди, туку да го спаси светот (сп. стих 17). Да се задржиме на ова размислуваме: Исус не дојде да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него! Тоа е убаво!
Често во Евангелието го гледаме Христос како ги открива намерите на луѓето што ги среќава, понекогаш разоткривајќи лажни ставови, како со фарисеите (сп. Матеј 23,27-32), или ги тера да размислуваат за нередот во сопствениот живот, како во случајот со Самарјанката (сп. Иван 4,5-42). Нема тајни пред Исус: Тој ги „чита“ срцата, срцата на сите нас. И оваа способност може да биде вознемирувачка затоа што, ако се злоупотреби, им штети на луѓето, изложувајќи ги на безмилосни судови. Никој не е совршен, сите сме грешници, сите грешиме, и ако Господ го искористи знаењето за нашите слабости за да ни суди, никој не би можел да се спаси.
Но, тоа не е така. Имено, тој не го користи тоа за да впери прст во нас, туку да го прифати нашиот живот, да не ослободи од гревовите и да нè спаси. Исус не сака да нè суди или да нè подложи на осуда; Тој сака никој од нас да не биде изгубен. Господовиот поглед кон секој од нас не е светло што заслепува како светилник и нè става во тешкотии, туку блага светлина на пријателска светилка, која ни помага да го видиме доброто во себе и да станеме свесни за злото, за да можеме да се преобратиме и да оздравиме со помош на неговата благодат.
Исус не дојде да му суди, туку да го спаси светот. Да се потсетиме на нас, кои многупати, многупати ги осудуваме другите; често сакаме да озборуваме, бараме озборувања против другите. Да го молиме Господ на сите да ни го даде таков поглед на милосрдие, за да гледаме на другите како што Тој гледа на сите нас.
Богородица нека ни помогне да си посакуваме добро едни на други.
Ватикан њуз/к.мк