Пред молитвата „Ангел Господов“ во недела 29 јуни 2025 година на плоштадот Свети Петар, папата Лав XIV потсети на големиот празник на Римската црква – празникот на светите апостоли Петар и Павле. Тој нагласи дека и денес постојат христијани кои го жртвуваат својот живот за вредностите на Евангелието. Во своите настојувања да ги сведочат и да ги распространуваат тие вредности, често се соочуваат со противење и прогонство, но Божјата слава сјае од едно преобраќање до друго.
Папата потсети дека кога верниците одат на поклонение на гробовите на светите апостоли Петар и Павле – кои се заштитници на градот Рим – откриваат дека и тие можат да живеат како нив, одговарајќи на повикот на Исус, кој постојано нè повикува и во Кого сите можеме да се надеваме, особено во Јубилејната година. Светиот Отец објасни дека Новиот Завет не ги прикрива грешките, слабостите и противречностите на оние кои ги почитуваме како најголеми апостоли, туку напротив – нивната величина произлегува токму од простувањето што го добиле.
Единството во Црквата и меѓу Црквите, драги браќа и сестри, се храни преку простување и меѓусебна доверба, почнувајќи од нашите семејства и заедници. Ако Христос ни верува, и ние можеме да си веруваме едни на други – во Неговото име.
Во служба на единството и заедништвото
Папата истакна уште еден важен елемент: христијаните, охрабрени од Евангелието, стануваат великодушни и храбри – дури и по цена на сопствениот живот.
„Постои екуменизам на крвта – невидливо, но длабоко единство меѓу христијанските Цркви кои сè уште не се во целосно и видливо заедништво“, рече тој. „Затоа, на ова свечено славење сакам да потврдам дека мојата епископска служба е служба на единството, и дека Римската црква, осветена со крвта на светите Петар и Павле, е повикана да го промовира единството меѓу сите Цркви.“
Спротивно на световниот менталитет
Службата на единството произлегува од „отфрлените камења“ – од оние кои биле отфрлени, но Христос ги направил темел. Тоа е Христос – карпата од која апостол Петар го добива своето име: „Каменот што градителите го отфрлија, Бог го направи камен-темелник“. Тоа се камењата што некогаш биле на маргините, „надвор од ѕидините“, како тие што денес го сочинуваат плоштадот Свети Петар и базиликите посветени на апостолите Петар и Павле.
Она што денес ни изгледа големо и славно, некогаш било отфрлено и маргинализирано, токму затоа што било спротивно на световниот дух. Оној што го следи Христос оди по патот на блаженствата – пат во кој сиромаштвото по дух, кротоста, милосрдието, гладот и жедта за правда, стремежот за мир – често се среќаваат со отпор и прогонство. Но, токму по тој пат сјае Божјата слава, преобразувајќи ги Христовите пријатели од едно преобраќање до друго.
Црквата – дом и училиште на заедништво
„Нека апостолите Петар и Павле, заедно со Пресвета Богородица, се застапуваат за нас, за Црквата – во овој поделен свет – да стане вистински дом и училиште на заедништво“, заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк