Бог ни го сака најдоброто, сака да бидеме среќни – рече папата Фрањо во своето пладневно обраќање во недела 16 јануари 2022 година, зборувајќи за Евангелието од денешната Литургија кое нѐ носи на свадбата во Кана Галилејска, каде што Исус ја претвора водата во вино. Папата истакна дека знакот за кој станува збор не е извонредно исцелување или чудо, туку гест што ги задоволува едноставните и конкретни потреби на обичните луѓе.
„Така, во Кана Галилејска, Исус го изврши првиот знак и ја објави својата слава, а неговите ученици поверуваа во него“, завршува литургиското Евангелие според Иван. Посветувајќи го своето неделно размислување на овој пасус, Папата забележа дека Иван не зборува за чудо, односно за моќно и извонредно дело што поттикнува чудење. Имено, станува збор за „знак“ кој ја поттикнува верата на учениците.
Тоа е знак што ја открива Божјата љубов, кој го привлекува вниманието нѐ на силата на гестот, туку на љубовта што го предизвикала. Тоа нè учи нешто за љубовта кон Бога, кој е секогаш близок, нежен и сочувствителен. Првиот знак се појавува кога свршениците ќе се најдат во неволја на најважниот ден од нивниот живот. Во екот на прославата снемува важен елемент, вино, кое може да ја згасне радоста, среде критиките и незадоволството на гостите – рече Папата.
Исусовата Мајка е првата што забележала дека недостасува вино, а она што го разликува начинот на кој го предупредила Исус за тоа е нејзината дискреција што го одразува Божјиот стил. И Тој интервенира тивко, речиси незабележано. Сè се случува дискретно, „зад сцената“ – рече Папата. Исус им кажува на слугите да ги наполнат садовите со вода, која станува вино. Така делува Бог, со својата близина и дискреција. Исусовите ученици го сфаќаат тоа; гледаат дека благодарение на Него свадбата станала уште поубава. Тие, исто така, го гледаат Исусовиот начин на дејствување, неговото служење во сокриеност, толку многу што дури и пофалбите за доброто вино му се упатуваат на младоженецот. Така во нив почнува да се развива никулецот на верата, односно веруваат дека во Исус е присутен Бог, Божјата љубов.
Тоа што се случува на свадбата во Кана не е извонредно исцелување или чудо во ерусалимскиот храм – објасни Папата – туку гест што ги задоволува едноставните и конкретни потреби на обичните луѓе. Папата го нарече „домашен гест“, еден вид чудо „на прсти“, дискретно, тивко. Така Бог сака да постапува. И ние ако го повикаме како Марија во Кана, Тој е подготвен да ни помогне, да не подигне. Ако внимаваме на овие „знаци“, неговата љубов нè освојува и ние стануваме негови ученици.
Папата потоа се осврна на уште една карактеристика на знакот во Кана, која уште еднаш го открива изненадувачкиот и единствен начин на кој дејствува Исус. Имено, додека виното што се дава на крајот на прославата обично било помалку добро, разредено, Исус свадбата ја завршува со најдоброто вино. Симболично ни кажува дека Бог го сака најдоброто за нас, сака да бидеме среќни. Во знаците на Исус нема место за скриени намери, за очекувањата од младоженецот. Не, радоста што Исус ја остава во срцето е полна и несебична. Никогаш не се разредува! – истакна Папата.
На крајот предложи вежба која – како што рече – може да ни биде многу пријатна. Тој советуваше да ги претресеме сеќавањата барајќи „знаци“ кои Господ ги направил во нашите животи, за да ни покаже дека нè сака; на пример, рече Папата, оној тежок момент во кој Бог ми даде да ја искусам неговата љубов… Покрај тоа, Папата ги поттикна верниците да си постават неколку прашања.
Со кои знаци, дискретни и грижливи, направи да ја почувствувам неговата нежност? Кога го почувствував Господ поблиску, кога ја почувствував неговата нежност, сочувство? Да се потсетиме. Како ја открив неговата близина и дали остави во моето срце голема радост? Повторно да ги преживееме моментите во кои го доживеавме неговото присуство и застапништвото на Марија. Таа, Мајката, која како и во Кана секогаш е внимателна, нека ни помогне како богатства да ги чуваме Божјите знаци во нашите животи – рече папата Фрањо.
После молитвата Ангел Господов, Папата ја изрази својата близина со жителите во Бразил кои во текот на неделата беа погодени од обилни дождови. Се молеше за жртвите, за оние кои останаа без покрив над главата и изрази поддршка за сите вклучени во давањето помош. Притоа, Светиот Отец потсети дека Молитвената осмина за единство на христијаните ќе се одржи од 18 до 25 јануари. На пат сме, ходочасници, кон целосно единство – рече Светиот Отец и поттикна во тој период да ги принесеме нашите напори и страдања за единството на христијаните.
Ватикан њуз/к.мк