Ангел Господов: Господ треба да се бара

Ангел Господов: Господ треба да се бара

Средбата на Исус со првите апостоли, како што ја опишува неделното евангелие, беше тема на говорот на Светиот Отец пред пладневната молитва Ангел Господов, во недела 14 јануари 2024 година, во кое истакна три суштински за него зборови: барај, пребивај и објави. Оваа средба, исто така, нè повикува да се потсетиме на нашата прва средба со Христос, бидејќи сите сме ја имале на некоја возраст – без разлика дали сме биле дете, адолесцент, млад човек или веќе возрасен.

Треба да ја обновиме радоста од таа прва средба и да продолжиме да живееме со Исус, повика папата Фрањо, бидејќи тоа значи да се биде негов ученик, а според денешното евангелие од тоа може да се извлечат три збора: барај, пребивај и објави. Во врска со првичното да се „бара“ Исус, Папата наведе двајца апостоли кои, благодарение на Иван Крстител, почнале да го следат Исус кој им ги кажал своите први зборови што ги изговара во Евангелието: „Кого барате? Тој бара личен поглед на секој од нас во нашата внатрешност за да ги истражи желбите што ги носиме во срцето.

Господ не сака од нас да прави прозелити, не сака површни „следбеници“, туку луѓе кои се преиспитуваат себеси и дозволуваат да бидат предизвикани од неговото Слово. Затоа, за да бидеме Исусови ученици, пред сè треба да го бараме, пред сè да го бараме и да имаме отворено срце кое е во потрага, а не заситено или задоволно.

Во врска со вториот збор „пребива“, Папата истакна дека за секој негов ученик е најважно да се биде и да се остане со Господа, а ние сме негови ученици во онаа мера кога се враќаме пак кај него, го слушаме неговото Слово, разговараме со него во молитва, го славиме, го сакаме и му служиме во нашите браќа, рече Папата, истакнувајќи дека верата не е теорија, туку средба. Да појдеме и да видиме каде живее Господ за да живееме со Него.

Во врска со третиот, последен збор – „објави“ – Светиот Отец истакна дека и срцата на двајцата ученици биле полни со радост по таа моќна средба со Исус и веднаш почувствувале потреба да го пренесат и на друг дарот што го добиле, а тоа Андреј подоцна и го прави, велејќи му на својот брат Петар: „Го најдовме Месијата!“ На крајот рече: И ние денес да се потсетиме на нашата прва средба со Господ, но исто така и да се прашаме:

Дали сме сè уште ученици заљубени во Господа? Дали го бараме Господ или сме се заседнати во вера создадена од навики? Дали остануваме со Него во молитва? Знаеме ли да молчиме со Него? И конечно, дали чувствуваме потреба да ја споделиме убавината на нашата средба со Господ? Света Марија, првата ученичка на Исус, нека ни даде желба да го бараме, желба да останеме со него и желба да го навестиме.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот